Скопје, 5 септември 2018 (МИА) - Кривична пријава е поднесена против две бугарски државјанки кои украле паричник со околу 18.000 денари од жена на Бит пазар.
Против лицата Р.Г.И.(50) и Н.Н.Н.(24), двете од Бугарија, СВР Скопје до надлежното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „кражба“, казниво по член 235 од Кривичниот законик на Република Македонија, при што се здобиле со противправна имотна корист од околу 18.000 денари.
Како што соопшти МВР, пријавените го извршиле делото на 1-ви овој месец околу 13.30 часот на ул.„192“ во пазарот Бит Пазар. Тие ја искористиле турканицата и невниманието на оштетената. Н.Н.Н. се туркала во неа за да и го одвлече вниманието, а Р.Г.И. го отворила патентот од чантата и одзела женски паричник во кој имало 240 Евра, 2.400 денари и лични документи.
Лице кое било присутно во пазарот, го забележало настанот и пријавило во полициска станица. После тоа, по преземени мерки, на 3 септември околу 13.00 часот пријавените биле приведени и задржани во Полициската станица Бит Пазар.