Можностите за финансирање што ги нуди Европската унија и начините како да се користат денеска во Струмица ги претстави раководителот на Секторот за соработка на Делегацијата на Европската унија Никола Бертолини.
На работилницата учествуваа претставници на граѓански организации, локалните самоуправи и градоначалници од овој регион.
Според Бертолини, денешната неколкучасовна работилница била многу успешна.
- Пред присутните ги објаснивме сите можности за користење на европските фондови кои се однесуваат на локалните заедници, на бизнис секторот и граѓанските организации. Си зададовме и домашни задачи кои треба да се извршат. Многу сум задоволен од масовното учество на работилницата, имаше добра динамика и сум многу задоволен, рече Бертолини.
На новинарско прашање дали е потребно формирање локално или национално тело кое ќе помогне за поголема искористеност на средствата од ЕУ фондовите, Бертолини одговори дека искористувањето на европските фондови е зголемено во изминатите години. Додаде дека не може да стане збор за формирање нови институции кои би биле посредници и би помагале на локалните заедници, туку е потребно да се овозможи да има што повеќе обуки за лицата кои ќе работат на тие проекти.
Работилницата во Струмица е дел од работилниците кои досега се одржаа и ќе се одржат во девет градови во Македонија до 27 овој месец.