Писмото од Трамп до Иванов, пораките на Столтенберг, денешната посета на Курц и утрешната на Меркел, се најдоа во грчките медиуми, кои во поголемиот дел коментираат дека ЕУ и НАТО изразуваат поддршка за Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

“Трамп: Историски Договорот од Преспа”; “САД, НАТО и Германија притискаат за Договорот од Преспа”; “САД, ЕУ и НАТО го поддржуваат Заев за референдумот”; “Капмања за поддршка на Заев во пресрет на референдумот”; “Интензивна раздвиженост во Скопје и Атина”, се дел од насловите во грчките медиуми.

- Во изминатите 24 часа се забележува поддршка од ЕУ и НАТО за Договорот од Преспа и премиерот на соседната земја, Зоран Заев, коментира радиото “Атина 984”.

- САД, EУ и НАТО ги поддржуваат Заев и Преспа, историски крстопат за ПЈРМ, коментира грчката телевизија “Скај” и додава дека во изминатите 24 часа “се забележува бран од меѓународна поддршка за позитивен исход на референдумот”.

- Паралелно со “парадта” на западните лидери во Скопје и кампањата за поддршка на Зоран Заев, на “орото со интервенции” се фати и самиот американски претседател. Доналд Трамп испрати порака до скопскиот претседател Ѓорге Иванов за потребата за одобрување на договорот на референдумот на 30 септември, пишува онлајн изданието на грчкиот весник “Прото тема”.

- Историски го карактеризира Договорот од Преспа, американскиот претседател Доналд Трамп во писмото со честитка упатено до неговиот колега од ПЈРМ по повод Денот на независноста, што во Скопје се слави на 8ми септември, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

- Договорот од Преспа ќе го поддржат и канцеларот на Австрија, Себастијан Курц,кој денес го посетува Скопје и канцеларката на Германија, Ангела Меркел која утре ќе биде во главниот град на ПЈРМ, пишува „Катимерини” и додава дека Меркел ќе присуствува на свеченостите за Денот на независноста.

За Договорот од Преспа разговарале синоќа генералниот секретар на НАТО, кој од Скопје пристигна во Атина на работна вечера со Алексис Ципрас во премиерската палата. Средбата по околу 2 часа заврши без изјави за медиумите.

- Генералниот секретар и премиерот Ципрас, исто така разговараа за историскиот договор за името со Скопје. Господинот Столтенберг истакна дека ова е големо достигнување за двете земји, додавајќи дека претстојниот референдум во Скопје е можност што добива еднаш во животот, соопштуваат од НАТО.

За средбата немаше официјално соопштение од кабинетот на Ципрас, а според грчката новинска агенција АНА-МПА, случувањата во Источниот Медитеран биле во фокусот на средбите на Ципрас со генералниот секретар на НАТО и со шефот на француската дипломатија.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/09/2018 17:07