Претседателката на третата по големина партија во Албанија, Движењето за социјалистичка интеграција Моника Круемади, смета дека состојбата со криминалот во земјата е алармантна.
Таа на денешната средба со известувачите на мониторинг заедницата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, Андреј Хунко и Џозеф О`Рајли, додала дека Албанија во моментов „се наоѓа на најопасниот крстопат до сега“.
- Владеачкото мнозинство и премиерот ја зграпчија реформата во правосудството, уништувајќи ја суштината и целта на реформата усвоена со историскиот консензус од 21-22 јули. Опозицијата ќе ја продолжи битката за враќање на правната држава, и ќе се бори без никаков компромис против организираниот криминал и недозволената трговија. Тоа, практичо, ќе го направиме, почнувајќи од албанскиот Парламент, од секој град и село во земјата, нагласила Круемади.
Таа ја посочила потребата од евидентирање на овие сериозни проблеми од страна на Советот на Европа, како клучна европска институција, која ја набљудувала и и помагала на Албанија во изминатите 27 години плурализам. Според неа оваа мисија на набљудувачите за прибирање на факти се случува во вистински момент, за што и им се заблагодарила на известувачите за тоа.
Партијата Движење за социјалистичка интеграција, на Круемади,која е сопруга на актуениот албански претседател Илир Мета, е дел од обединетата албанска опозиција и е голем критичар на владата на премиерот Еди Рама.