Во Босна и Херцеговина денеска официјално почна кампањата за општите избори закажани за 7 октомври, пренесува Танјуг.

Централната изборна комисија предупреди дека има право да наметнува парични казни до 10.000 конвертибилни марки (5000 евра) и да отстранува кандидати од листите, ако се утврди прекршување на законот или се користи реторика со која се поттикнува насилство или омраза.

Комисијата ги повика политичките партии, кандидатите и нивните приврзаници да се воздржат од изјави со кои се зголемуваат тензиите и да водат фер и коректна предизборна кампања, а медиумите - да придонесат за демократскиот карактер на кампањата.

На 7 октомври, граѓаните на Босна и Херцеговина ќе избираат членови на колективното претседателство, пратеници во Претставничкиот дом на Босна и Херцеговина, претседател и потпретседатели на Република Српска, парламент на Република Српска, Претставнички дом на Муслиманско-хрватската федерација и парламенти на десетте кантони на федерацијата.

Вкупно се регистрирани 7.497 кандидати за 518 мандати. На кандидатските листи има 58 партии, 36 коалиции и 34 независни кандидати.

Право на глас во Босна и Херцеговина имаат 3.352,933 жители. За босанските државјани во странство ќе бидат отворени избирачки места во амбасадите во Камбера, Виена, Берлин, Осло и Белград и во конзулатите во Чикаго, Минхен, Штутгарт, Франкфурт и Грац.

Според одредени проценки, изборите ќе ја чинат државата околу 8,5 милиони конвертибилни марки. Првпат оваа година ќе се користат проѕирни избирачки кутии.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/09/2018 18:54