Амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија, Лоренцо Емилио Сера, вечерва ја посети општина Крива Паланка во рамки на соработката остварена со проекцијата на Шпански филмови на отворената сцена во градот.

На приемот кај градоначалникот Борјанчо Мицевски Сера потенцираше дека градот Крива Паланка за него е дефиниција за богата култура и уметност.

- Не згрешив кога решив кратко да го опишам градот како јадро на културата, зашто манастирот Св. Јоаким Осоговски ме импресионираше при првата моја посета во февруари годинава, кога бев присутен и на уникатната изложба на карикатури, а драго ми е што сега слушам за вашиот десетти јубилеен меѓународен театарски фестивал.Вечерва ќе го промовираме филмот кој е создаден на Тенерифе, моите родни Канарски острови, рече Сера.

Според него, Македонија е во многу важен момент, претстои референдум кој, рече, посакува да биде успешен.

- Ќе се обидам во мојот домен да пратам пораки за успешен референдум, за отворање на вратите на ЕУ и НАТО, за светла иднина на идна Северна Македонија, но и на сите граѓани и Крива Паланка.Членството во ЕУ и НАТО не е само физички момент, туку знсчи да бидат задоволени бараните високи критериуми на алијансата, на Европа, ама сигурен сум дека прашањето на нивно оценување е секогаш субјективно. ЕУ треба да биде спремна за нови членки и јас мислам дека е мал бројот на скептиците кои не веруваат дека вашата земја нема да биде примена во големото семејство. Знам дека граѓаните на Македонија ќе бидат многу мудри и ќе гласаат за влез во ЕУ и НАТО, порача амбасадорот Лоренцо Емилио Сера.

Мицевски му додели плакета од општтина Крива Паланка во знак на пријателство и соработка.

- Нашата соработка која е на полето на културата и културното наследство се надевам, по решавањето на референдумот и влезот во ЕУ, во духот на споделување на Европските бредности со сигурност ќе се прошири и на полето на младите и спортот, на образованието, порача Мицевски.

Проекциите на Шпански филм се дел од манифестацијата „Викенд на Шпански филм“ во Крива Паланка, ќе се реализира на отворено, на плоштадот Карпошово востание, а ќе трае до 11 септември.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/09/2018 23:48