Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски на прес-конференцијата пред натпреварот со Ерменија изјави дека очекува позитивен резултат и оти исходот од овој меч ќе реши кој ќе биде победник во нашата група.
- Направивме добра анализа и знаеме како треба да пристапиме. Ме радува и тоа што фудбалерите се подготвени да го дадат максимумот. Очекувам да забележиме добар резултат кој ќе ни даде предност пред реваншот во Ереван. Ова е натпревар на кој веројатно ќе реши победникот во нашата група, истакна Ангеловски.
Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев нагласи дека неговите соиграчи го знаат значењето на овој натпревар и ќе го дадат максимум на теренот.
- Овој натпревар е најважен во групата, нашата и ерменската репрезентација се најквалитетни и ќе се борат за првото место. Треба да излеземе и да дадеме максимум и мислам дека ако одиграме како што знаеме, тогаш ќе дојдеме до добар резултат, наведе Пандев.
Натпреварот од Лигата на нациите меѓу Македонија и Ерменија се игра утре од 18 часот на арената „Филип Втори“ во Скопје.
Македонија настапува во Групата 4 од Лига Д и досега оствари гостинска победа против Гибралтар од 0:2.