Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека дошол на Косово со цел да се зачува мирот, стабилноста и обидите да се подобрат односите меѓу Србите и Албанците за во иднината.

Вучиќ пред браната на езерото Газивода, каде што започна дводневна посета на српските заедници во Косово, рече дека длабочината и тежината на несогласувањето меѓу Србите и Албанците најдобро може да се види на тоа место.

- Браната Газивода е изградена во 1981 година, и е од голема важност за Србите и Албанците.Поголем дел од Метохија добива вода од тука, како и Приштина во текот на летото. Езерото е од големо значење за нас, бидејќи без Газивода нема преживување на луѓето во Ибарски Колашин и Зубин Поток, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Србија инвестирала речиси 128 милиони динари во реконструкцијата на браната Газивода и најави дека до крајот на септември ќе бидат обезбедени уште 12 милиони динари за таа намена

На прашање на новинари за негативниот став на германската канцеларка Ангела Меркел за идејата за разграничување, Вучиќ рече дека неговата сила е минимална во споредба со неа, но дека ќе стори се за решавање на косовскиот проблем.

- Мојата сила е толку минимална во споредба со Ангела Меркел, но тоа не значи дека не можеме да му помогнеме на нашиот народ. Сте слушнале што мисли таа, сте слушнале што мислат Албанците ... Јас сум претседател на Србија и го правам она што е реално, што е можно, а тоа е да изгубиме најмалку што мораме и да извлечеме намногу што е можно за нашиот народ, рече Вучиќ .



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2018 16:40