Во Делчево се одвиваат главните активности од Пијанечко-малешевската свадба, манифестација која по 12-ти пат се одржува во Делчево.

Под превезот на старите народни обичаи, вечер на летната сцена во градскиот парк, својата долгогодишна љубов ќе ја крунисаат младоженците Иле Гоцевски и Милена Параскова.

За младоженците денеска беше организиран прием во кабинетот на делчевскиот градоначалник Горан Трајковски.

- Оваа традиција е одличен момент да се зачуваат на сите традиционални вредности со цел сите свадбарски обичаи на овие простори да не останат во заборав. Упатувам благодарност до организаторите кои неуморно работат на брендирање на Пијанечко-малешевската свадба со што ја одржуваат оваа традиција во Пијанец и Малешевијата. Особено им честитам на младоженците, затоа што на ваков стар автентичен начин се одлучија да ја крунисаат својата љубов со брак, впрочем како што било некогаш на овие простори, рече градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

Младоженците кои се по потекло од Пехчево се горди што преку своето венчавање на стар автентичен начин ја промовираат овдешната свадбена традиција.

- Најнапред сме благодарни на општината и организаторите што сме дванаесетти пар на Пијанечко-малешевската свадба и искрено се надеваме дека оваа традиција нема да згасне и дека ќе продолжи да ги промовира овие културни вредности и во иднина, истакнаа младоженците Моника и Иле Гоцевски.

Освен 12. издание на Пијанечко-малешевската свадба во организација на КУД „Гоце Делчев“ од Делчево вечер ќе се одржи и 42. издание на Меѓународниот музички и фолклорен фестивал.

Покровител на манифестацијата е градоначалникот на општина Делчево, а партнери на манифестацијата се општините Пехчево и Берово. Манифестацијата и годинава е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2018 17:46