Портпаролот на меѓународните сили во Косово - КФОР, Винченцо Грасо изјави дека припадници на овие сили, во координација со институциите на Косово и полицијата на Косово, работат на смирување на ситуацијата, како и за безбедноста на српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

- Никој не му се заканува на Вучиќ. Неговата безбедност е загарантирана, изјави Грасо за порталот коха.нет.

Во врска со протестот поради посетата на српскиот претседател на областа Дреница, Грасо рече дека КФОР работи заедно со косовската полиција за отстранување на барикадите и обезбедување слобода на движење.

- КФОР работи на мировен начин, подготвени сме за се што ќе се побара од нас, во рамки на нашиот мандат, изјави портпаролот на КФОР.

Единици на КФОР се појавија на местата на кои се поставени барикади со градежна механизација, камиони и дрва.

Последната информација од терен е дека, откако беше запрен при обидот да отпатува во селото Бање во Дреница по заобиколен пат, Вучиќ се врати во северна Митровица, од каде ќе разговара со жителите на селото по телефон .

Претходно, поради протестите на ветераните на ОВК и локалното население во Дреница, косовската Влада му ја повлече дозволата на Вучиќ за посета на тој регион.

Српските медиуми јавуваа дека демонстрантите се вооружени и распоредени низ повеќе места во регионот, а од едно село се слушнале и истрели од огнено оружје.

Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин изјави дека српската војска е подготвена да интервенира доколку дојде до инцидент и дека ќе ја исполни секоја наредба на претседателот и врховен командант Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/09/2018 13:27