Строг демарш до САД за изјавата на американскиот помошник државен секретар Вес Мичел, во врска со името на ПЈРМ упати Министерството за надворешни работи на Грција, пишува грчкиот весник „Документо“ и открива дека официјална Атина, минатиот месец реагирала за говорот на Мичел во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат.

- На Балканот, американската дипломатија одигра водечка улога во решавањето на грчко - македонскиот спор за името, е спорниот дел од говорот на Мичел на 21 август, за кој реагирало грчкото МНР, според весникот.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, „Документо“ пишува дека реакцијата од Грција била брза и експресна, а Мичел му се извинил на Коѕијас.

- Според добро информирани владини извори, по демаршот господинот Мичел се чини дека му се извини на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас. Атина, на која особено и пречеше оваа изјава на американскиот функционер, наводно инсистираше, потенцирајќи и го тоа на американската страна дека е неприфатлив фактот како „архитект“ на решавањето на проблемот да се појавува Вашингтон, од моментот кога договорот можеше да се постигне, благодарение на упорните напори на грчката дипломатија и уште повеќе, без Грција да биде на располагање да прифати било каков притисок од САД или од други западни или источни престолнини, пишува весникот.

Како што вчера објави МИА, за евентуални притисоци за постигнување договор, грчкиот премиер Алексис Ципрас на прес-конференцијата во рамките на Меѓународниот саем во Солун, рече дека „со апсолутна искреност и со апсолутна сигурност“ може да каже дека никој ниту ја вознемирил, ниту ја притиснал Грција за конкретното прашање, туку едноставно со промената на власта кај нас, се отворила единствена можност за разговори.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2018 12:59