Европската комисија денеска побара „недвосмисленост од Србија“ во врска со вчерашните изјави на српскиот претседател Александар Вучиќ во Косово за „ликот и делото на Слободан Милошевиќ“, јави дописничката на МИА од Брисел.
- Помирувањето, нормализацијата и добрососедските односи ќе бидат возможни само ако се отфрлат и надминат политиките од минатото кои донесоа декада мизерија и страдање за Западниот Балкан и неговите народи, изјави портпаролката на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, Маја Коцијанчич.
Таа додаде дека „не смее да се остави простор за двосмисленост и пофалби за оние кои ги спроведуваа тие политики“.
- Помирувањето и добососедските односи се суштината на она за што се бори ЕУ и сите партнери кои имаат европска перспектива мораат да ги почитуваат овие принципи, нагласи Коцијанчич.
Таа при тоа го цитираше претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер кој викендов изјави дека национализмот никогаш не решил ниеден проблем, туку само ги создавал.