Во Делчево досега од европските фондови, само во општинските институции, влегле околу два милиони евра. Со овие средства се решени многу инфраструктурни проблеми, се осовременија условите за работа на наставниците и учениците, се надградија човечките капацитети.

Ова денеска го истакна делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, кој на прес-конференција ги претстави проектите кои се реализирани со помош на европските фондови.

- Овде би ги спомнал европските партнерски проекти со Благоевград со чија реализација се регулираше дел од речното корито на река Брегалница. Потоа, преку друг проект се работеше на енергетски - ефикасно јавно осветлување при што беше извршена замена на 760 улични светилки со лед-диоди во градот Делчево и во осум села во општината. Исто така, преку проектот „Општински рурални инвестиции“, со буџет од 291.018 евра, се реконструираа улиците „Питу Гули“, „Маршал Тито“ и „Светозар Марковиќ“од кои 195.000 евра се грант на ЕУ преку од ИПА програмата преку Министерството за финансии, администрирано од Светска банка. Кофинансирањето од националниот буџет е во износ од 65.000 евра и од општинскиот буџет во износ од 31.018 евра, рече Трајковски.

Како што информираше, следува втората фаза од овој проект со кој во план е доизградба и осовременување на улицата „Маршал Тито“ до населбата „Стрелиште“.

- До крајот на годината ги очекуваме резултатите од аплицираниот проект во партнерство со општина Благоевград со кој сакаме да ја продолжиме изградбата на кејот за уште 200 метри, а ги очекуваме и резултатите од 5 проектите поднесени за делчевските училишта. Ова се дел од проектите кои Општина Делчево ги реализираше директно со поддршка на ЕУ, а има уште доста кои се со индиректна поддршка од најразлични фондови, додаде Трајковски.

Во општината досега преку европските фондови се инвестирани околу два милиони евра и, како што додаде Трајковски, со отворањето на вратите на ЕУ и стабилноста на државата која се гарантира со влезот во НАТО, овие средства и во иднина ќе бидат одличен извор за реализација на заложбите, да се подобри инфраструктурата во градот Делчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2018 16:12