Како Влада преземавме обврска за прашањето со регионалните депонии да се ангажира централната власт, зашто регионите не можат да се усогласат со местата каде што ќе поминува сметот. Владата ќе даде голем придонес регионите што побрзо да почнат со регулација на депониите и да одредат конкретни места што ќе бидат прифатливи за најголемиот дел на граѓаните, рече денеска министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, во изјава за медиумите во рамки на 15. средба на консултативниот комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ.
- За брзо време се очекува да почне постапката за работа на депонијата Русино. На последниот состанок што го имав со градоначалничката на Тетово Теута Арифи ме увери дека на крајот на септември веќе ќе ја почнат тендерската постапка за да почне со работа депонијата Русино, рече министерот Фазлиу.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов рече дека оваа тема е актуелна пред се поради здравјето на сите граѓани, и поради тоа овие процеси сериозно ќе бидат забрзани.
- Едно од поглавјата за кое ќе разговараме станувајќи полноправна членка на ЕУ е токму животната средина, и тука нема да можеме да правиме повеќе компромиси, оцени Шилегов.
Градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски рече дека во однос на регоналните депонии Владата преку Министрството за животна средина го координира целиот процес.
Посочи дека регионалните депонии се планираат по цели региони, но источниот и североисточниот регион сами по себе немаат доволно отпад за да формираат сами своја регионална депонија.
- Токму затоа Источниот и Североисточниот регион формираат заедничка регионална депонија што е во напредна фаза. Таму ќе се формира јавно претпријатие што е идентично на овие два региони и таа ќе биде стационирана или лоцирана некаде на територија на општина Свети Николе, рече Бочварски.
Истакна дека е многу важно за граѓаните да знаат дека со ова се затвораат голем број диви депонии кои што сега функционираат и што се жаришта заразни болести и на загадување на животната средина.
- Ваквиот тип регионални депонии значат создавање нови работни места, тоа ќе бидат места каде што ќе се собира енергија, така што овие се целосно чисти објекти инфраструктурни, големи капитални објекти, што значат многу за регионите и не треба граѓаните да се плашат од овие објекти, туку напротив треба да знаат дека ова ќе значи и заштита на животната средина. Македонија треба да размислува напредно, да оди со брзи чекори напред во однос на овој проблем, посочи Бочварски.