Со свечена седница и положување цвеќе пред спомениците на паднатите борци во Преспа, Општина Ресен денеска одбележува 74 години од ослободувањето на градот и 27 години независност на Република Македонија.
Одбележувањето на Денот на ослободувањето на Ресен и Преспа - 11 септември, за градоначалникот Живко Гошаревски, е повод повеќе, што се совпаѓа со 27 години од референдумското изјаснување за самостојноста на Република Македонија.
Во обраќањето пред присутните нагласи дека 11 септември е поим за бестрашно рушење на ропските пранги, за бранење на честа и достоинството од 1944 година. Овој датум, нагласи тој, стана светилиште и инспирација на генерациите, патоказ како треба да се бори и сака слободата.
Навраќајќи се на историјата, Илинденското востание и периодот на двете светски војни, Гошаревски подвлече дека во Преспа уште многу одамна се појавил отпорот против угнетувањето и тиранијата.
- Особено поголеми активности на овој план се јавуваат во крајот на 19 век. Тогаш во 1893 година формирана е ТМОРО, а уште повеќе меѓу основачите на оваа револуционерна организација и нејзин прв претседател е д-р Христо Татарчев. Една година покасно во куќата на овој револуционер одржан е првиот конгрес на организацијата, потсети Гошаревски.
Тој се задржа и на поделбите на Македонија и ставањето на Преспа под окупација на Србија, Бугарија и Албанија, но и борбениот дух на преспанци да се ослободат од окупаторот и да си ја вратат својата територија на матичната земја.
- Голем е бројот на преспанци кои дирекно учествуваа во војната и заднината. Дирекно во борбите учествувале 1902 борци. Од нив 128 ги положија животите на олтарот на слободата. Меѓу нив се револуционерите Стива Наумов и Мите Богоевски, истакна градоначалникот.
Гошаревски напомена дека државата повторно се наоѓа пред историска одлука за иднината. - Да ги подржиме напорите и ангажирањата на државата да се искористи историската шанса, да се реши деценискиот спор околу името и отворат патиштата за влез на Република Македонија во евро-атланските интеграции. Да се отвори патот за безбедност на државата и граѓаните и нејзин побрз економски и општествен развој, повика ресенскиот градоначалинк.
На свеченоста потсети и на реализираните проекти на општината во изминатиот период и најави дека Општината очекува околу два милиони евра, средства од Европските фондови за кои има аплицирано во различни области.