Дури 40 проценти од вкупниот буџет на Европската унија за периодот 2021-2027 година е наменет за секторот земјоделство, а од ИПА програмата за 2019-та година за Македонија се одвоени 15 милиони евра.

Ова го истакна Лилјана Јоноски од „Рурална коалиција“ пред земјоделците од кумановско на денешната трибина организирана од граѓанската иницијатива „„Зачекори напред! Изборот е твој“.

Според Јоноски, значајно е да се презентираат вакви податоци пред земјоделците, имајќи предвид дека Македонија се прокламира како рурална држава со 90 проценти земјоделско земјиште. Искористеноста на ИПАРД во минатото, како што рече Јоноски, била незначителна и се движела меѓу 15-16 проценти и затоа е потребно да се информираат земјоделците бидејќи со ИПАРД 2 и структурните фондови имаат на располагање 100 милиони евра.

На трибината беше истакнато дека македонските земјоделци кои веќе искористиле дел од европските фондови имаат конкурентни семејни земјоделски стопанства, но оти се уште има земјоделци кои се на работ на егзистенција и треба да се информираат за придобивките од ЕУ фондовите наменети за земјоделството и руралниот развој.

Индивидуалниот земјоделец од Ново Село, Саша Арсиќ очекува поголем прилив на средства од ЕУ фондовите, со што земјоделците би можеле да го модернизираат производството.

Денешната трибина е прва од десетте што ќе ги спроведува граѓанската иницијатива „Зачекори напред!Изборот е твој“. Кампањата, според организаторите, е информативна и не ги наведува граѓаните на конкретни чекори во однос на гласањето на референдумот.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2018 17:17