Започнува постапката за изградба на првиот пешачки мост во Делчево. Договорот за изградба на мостот кој ќе биде изработен од челична конструкција, денеска го потпишаа градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски и директорот на Центарот за развој на Источно-плански регион Драгица Здравева. Со ова како што истакна Трајковски се остварува желбата на граѓаните да добијат пешачки мост, проект кој беше избран како приоритетен во рамки на претходно одржаниот форум во заедниците. - По потпишувањето на договорот ќе следува тендерот за избор на најдобар понудувач кој ќе биде објавен наредниве денови. Овој мост ќе го поврзува стариот со новиот дел на градот со што освен што ќе биде и украс на градот, тој ќе биде дел од туристичкиот пакет на Делчево. Од друга страна мостот ќе биде и доста функционален со тоа што граѓаните ќе имаат подобар и пократок пристап до детската градинка, автобуската, библиотеката, училиштата, зградата на Општината, но и градскиот пазар, а ќе се растовари сегашниот мост кој е и единствен во центарот на градот и ќе се зголеми безбедноста на пешаците, посебно учениците, рече Трајковски. Како што истакна директорката Драгица Здравева, со потпишувањето на договорот за изградба на пешачки мост продолжува одличната соработка на Центарот за развој на Источно-плански регион и општина Делчево. - Во ситуација која финансиски ја има општина Делчево сме благодарни што еве успеавме со градоначалникот и советот се договоривме да постигнеме консензус за да го зголемат буџетот за реализирање на овој проект. Се надевам на тендерот ќе се јават квалитетни фирми и благовремено ќе ги завршиме сите активности, рече Здравева. Вкупниот буџет за изградба на пешачкиот мост е 7 милиони и 500 илјади денари од кои 65,5 проценти ќе се обезбедат од Министерството за локална самоуправа преку Биро за регионален развој, а по Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година. Општина Делчево како партнер ќе обезбеди 34,5 проценти од буџетот на општина Делчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2018 17:26