Во дворот на косовската Влада ќе се изгради меморијал во чест на загинатите на 11 септември

Косовската Влада ја започна денешната седница со едноминутен молк во чест на жртвите на терористичкиот напад од 11 септември 2001 година во САД, јави дописникот на МИА од Приштина. Косовскиот премиерот Рамуш Харадинај изјави дека Косово никогаш нема да ја заборави помошта што му ја пружија САД во 1999 година. - САД го поведоа светот во спасувањето на нашите животи во тешките времиња на косовската војна. САД се заштитник на народите во светот, затоа е разбирливо чувството на поддршка за семејствата на загинатите, но и поддршката на косовскиот народ на борбата против тероризмот, рече Харадинај. Владиниот кабинет едногласно го прифати предлогот за поставување постојан меморијал во дворот на Владата во знак на почит за загинатите во нападите од 11 септември во Њујорк и Вашингтон. Овој меморијал, според Харадинај, ќе биде и симбол на борбата против тероризмот. Претпладнево пред Владата во Приштина беше одржана церемонија во знак на сеќавање на жртвите на нападитеод 11 септември. На церемонијата присуствуваа премиерот Харадинај, поранешната претседателка Атифете Јахјага, претседателот на Собранието Кадри Весели и американскиот амбасадор во Приштина Грег Делави, кој рече дека Вашингтон ја цени солидарноста на косовскиот со американскиот народ.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2018 18:05