Државниот завод за индустриска сопственост-ДЗИС денеска во Битола приреди промотивен настан на кој освен за јубилејот на Заводот, кој годинава слави 25 години од денот на основањето, се говореше и за правата од индустриска сопственост.

На средбата со битолските стопанственици и градоначалникот на Битола Наташа Петровска, заменик директорот на ДЗИС, Горан Герасимовски истакна дека промоцијата на правата од индустриска сопственост е исклучително важна за пошироката јавност и посебно за малите и средни претпријатија, и затоа во месецот на индустриска сопственост директно се соработува со општините и стопанските комори во државата.

- Треба да се познаваат и да се знае за правата од индустриска сопственост, а тоа се патент, трговска марка, индустрискиот дизајн, како и ознаките на потекло и на географските ознаки. Спроведувањето на правата од индустриска сопственост се важен сегмент од системот на правата од индустриска сопственост, нагласи Герасимовски.

Според заменик директорот на ДЗИС, Горан Герасимовски, со зачленувањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО, ќе се зголеми заштитата на индустриска сопственост на македонската индустрија.

- Македонските компании ќе може да ја подобрат својата позиција на национално и меѓународно ниво, а тоа пак ќе овозможи успешно функционирање на македонската индустрија на европскиот пазар. Во таа смисла, рече Герасимовски, ДЗИС ќе продолжи да информира за услуги со европски стандарди.

Градоначалникот на Битола Наташа Петровска јавно ја поддржа кампањата на ДЗИС „Месец на индустриска сопственост“ и најави директна соработка со Државниот завод за индустриска сопственост.

- На општинско ниво помагаме на стопанствениците, ги поддржуваме иновативните технологии и новини. Заштитата на индустриската сопственост претставува дополнителна вредност и затоа ќе ја негуваме и интезивираме соработката со ДЗИС, рече Петровска.

За претставниците на бизнис од Битола, претставниците на ДЗИС одржаа две предавања на тема „Надлежностите на ДЗИС и постапката за заштита на патент“ и „Постапка за заштита на трговска марка, индустриски дизајн и географски назив“, а на плоштадот „Магнолија“, на отворено низ интерактивна комуникација со граѓаните приредија презентација за јубилејот 25 години Државен завод за индустриска сопственост на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2018 18:56