Под мотото „Не ви е потребна лиценца за да спасите живот“ со симулациска вежба за сообраќајна незгода волонтерите на општинската организација на Црвениот крст во Струга денеска во дворот на приватното средно училиште „Јахја Кемал“ го одбележаа Светскиот ден на првата помош – 8 Септември.
Темата на годинашното одбележување, според секретарот на струшкиот Црвен крст Адуриме Даути, се „Несреќите на патиштата“, а нивните волонтери заедно со средношколците од „Јахја Кемал“ импровизираа сообраќајна незгода меѓу автомобил и мотор.
Во незгодата, како што појасни Даути за МИА, имало тројца повредени, од кои едниот потешко.
- Возачот на автомобилот во симулацијата беше со повреди на вратот, совозачот со повредена нога, додека возачот на моторот беше со повредена рака и во бесознание. Веднаш беше пристапено со укажување прва помош и симулациски беа спасени животите на тројцата учесници во незгодата, истакна Даути.
На презентација, како што информира, имало и доктор од Брзата помош во Струга, а својата животна приказна ја раскажа и еден од волонтерите на Црвениот крст, кој ја изгубил ногата во сообраќајна незгода со мотор . Тој на учениците им раскажа како за многу кратко може да се дојде до несреќа и последиците да бидат фатални.
- Оваа симулација имаше две пораки. Сите ние можеме да пружиме прва помош во каква било незгодна, како што е и годинашното мото. Кога таа би била соодветна и во најбрз момент ќе помогне да се намали смртноста од повреди во сообраќајки. И втората порака е да се биде внимателен во сообраќајот без разлика дали сме возачи или пешаци, порача Даути.