Претставниците на земјите од Западен Балкан на панелот на Бледскиот стратешки форум се согласија дека историскиот договор меѓу Атина и Скопје дава нов поттик на тие земји на патот кон евроатланските интеграции.

Дискусијата под наслов „Западен Балкан: изгубени години или нова надеж?" се одржа на вториот, последен ден од Бледскиот стратешки форум, на кој присуствуваа повеќе од илјада гости од шеесет земји.

- Веруваме дека во 2018 година дојде до значителен напредок во регионот. Не смееме да го увеличуваме, но ни да го потценуваме, изјави црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ.

- Договорот за името на Македонија, кој го постигнаа Атина и Скопје и на тој начин на земјата и го отворија досега блокираниот пат кон Европската унија и НАТО е историски настан, оцени црногорскиот министер.

- Двете влади покажаа политичка храброст и визија со решавањето на долготрајното прашање, што беше товар за сите во регионот, а не само ним, рече Дармановиќ.

Тој истакна дека секоја земја која ќе се приклучи на евроатлантските интеграции ја зајакнува благосостојбата и безбедноста на Западен Балкан, но предупреди дека ЕУ треба посилно да ги охрабрува тие земји да работат на својот пат кон членство.

- Во земјите од Западен Балкан не постои држава каде евроскептични партии се во мнозинство. Мораме да го искористиме моментот, заклучи шефот на црногорската дипломатија и додаде дека тој смета оти Црна Гора може да стане членка на ЕУ и пред 2025 година.

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Теренс Спенсес Николаос Квик изјави дека Грција е голем поборник за евроатлантскиот пат на Западен Балкан и оти како најстара членка на ЕУ и НАТО, во таа смисла, ќе застане цврсто зад западнобалканските земји.

Квик рече дека договорот меѓу Атина и Скопје потврдил дека „кога постои волја, постои и начин“. Тој истакна дека договорот е добар пример за држави кои успеале да решат тешки прашања, и дека договорот сигурно ќе биде ратификуван во Грција ако помине на референдумот и ако за него гласаат две третини во македонскиот Парламент.

Заменикот-министер за надворешни работи на Македонија Андреј Жерновски потсети дека Скопје годинава потпиша и исклучително важен Договор за пријателство со Бугарија.

- Пет месеци подоцна, трговската размена меѓу двете земји се зголеми за 12 отсто, а туристичката за 10 отсто, потенцираше Жерновски.

Покрај тоа, Бугарија и Грција на самитот на ЕУ побараа Македонија да влезе во Унијата што е можно поскоро, што беше незамисливо пред една година, потсети Жерновски.

Потпретседателот и поранешен министер за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај, се согласи дека договорот меѓу Македонија и Грција даде нов импулс во регионот, бидејќи во спротивно „ако една земја не успее, тоа им се случува на сите."



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2018 01:04