Градот Скопје ќе се номинира за титулата Европска престолнина на културата во 2028 година.
Номинацијата за оваа престижна титула на Европската комисија денеска на прес-конфернеција ја најавија градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, националниот координарот за култура Роберт Алаѓозовски и директорот на Универзална сала Филип Аврамовски.
Градоначалникот Шилегов, рече дека сите активности на градот, како што е реновирањето на Универзална сала, ќе бидат насочени кон целта Скопје во 2028 година да биде Европска престолнина на културата.
- Титулата за нашиот град ќе значи поголем број на посетители и зголемена економска активност во градот. 2028 година брзо ќе дојде и ќе помине, но она што градот ќе го добие како наследство од сето тоа ќе трае децении понатаму. Верувам дека Скопје ќе се вброи во редот на Ливерпул, Даблин, Амстердам, Мадрид, Истанбул, Копенхаген... речиси да нема главен град во Еропа што не бил кандидат за овој престижен статус, рече Шилегов.
Посочи дека процесот на површина ќе извади досега маргинализирани сегменти на културата, многу места кои се култни на свој начин и ја означувале различноста и индивидуалноста на луѓето да се вратат во фокусот на културниот живот на градот и ќе треба да бидат надминати постојните стереотипи и поделби.
Стратешкиот координатор на процесот, Роберт Алаѓозовски, рече дека програмата е сложена и бара три до четири години за подготовка на апликацијата, процесот на селекција трае две години, а одлуката за титулата се носи четири години пред почетокот на манифестацијата.
- Почнуваме со време. Во ноември првиот нацрт на планот ќе го претставиме и издебатираме, отворајќи широк простор за вклучување на сите идеи и предлози кои ќе дојдат од јавноста, рече Алаѓозовски.
Посочи дека Скопје мора да доживее трансофрмација, да добие уште повеќе културни институции, да ја зајакне независната културна сцена и граѓанските организации, и да постиген поголема вклученост на сите граѓани.
- Она на што секако планираме да се повикаме, 2028 година ќе биде и 65 години од земјотресот, е солидарноста, интернационалнсота што Скопје ја доби по траумата овој пат наша цел ќе биде да постигнеме еднаква интернационализација на Скопје преку еден процес на културно градење на градот, изјави Алаѓозовски.