Косовскиот претседател Хашим Тачи утрово го одликува амбасадорот на САД Грег Делави со Орденот на 10-годишнината на Независноста на Косово. Орденот на Делави му се доделува на крајот на неговата дипломатска служба во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

- Орденот на Десетгодишнината на Независноста денеска му го доделив на еден посебен пријател на Косово. Американскиот амбасадор Грег Делави ја завршува дипломатската служба во Косово. Незапирливо, во овие три години, тој се преокупира и помогна во секој процес низ кој помина нашата земја. Благодариме за службата, за критиките и за постојаните совети амбасадоре Делави. Косово ја цени високо Вашата поддршка, напиша Тачи на Фејсбук

Претходно, пред петнаесетина дена, американскиот амбасадор беше одликуван и од премиерот Рамуш Харадинај, кој му го додели орденот „Златна карта на Косово“, за неговиот досегашен придонес за Косово.

На Делави наскоро му завршува мандатот во Косово, а американскиот претседател веќе го номинира Филип Коснет за негов наследник.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2018 18:18