Средношколци од Македонија, Албанија, Ерменија, Бугарија, Молдавија и Романија кои во образовниот процес го учат францускиот јазик ќе учествуваат на 4-тата по ред Меѓународна олимпијада по француски јазик што од 15 до 19 овој месец ќе се одржува во Охрид.
Пред учесниците на олимпијадата предвидено е да се обратат министерот за образование и наука Арбер Адеми, претставникот од Меѓународната организација за Франкофонија, Сесил Леке-Фолкини, Рени Јотова, директорка на Регионалното биро на Меѓународната организација на Франкофонијата во Букурешт и амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние.
Францускиот јазик го зборува 13 проценти од вкупната светска популација, а Франкофонијата брои 890 милиони жители. Целите на манифестациите што се организираат преку Меѓународната организација на Франкофонијата како што е натпреварувањето во Охрид се промовирање на францускиот јазик и културната и јазична разновидност, промовирање на мирот, демократијата и човековите права, поддршка на образованието, обуката, високото образование и истражувањето, како и промоција на соработката во служба на одржливиот развој.