Претседателот на албанскиот Парламент, Грамоз Ручи упати апел до косовските политички сили да бидат единствени во однос на дијалогот и договорот со Србија.
По денешната средба во Тирана со својот косовски колега Кадри Весели, Ручи на заедничката прес-конференција изјави дека дијалот е механизам за да се најде решение, кое ќе гарантира взаемно признавање на Косово и Србија.
- Мојата порака до политичките актери и фактори е дека сите политички сили мора да бидат единствени и да имаат единствен став и делување, бидејќи има многу прашања по кои не се согласуваат, но тука се работи за суверенитет, држава, зајакнување на државата и на мирот не само во Косово, туку и во целиот регион, рече Ручи.
Тој додаде дека ги охрабрува сите страни вклучени во изнаоѓањето решение тоа да биде прифатливо, долгорочно и во интерес на Косово и целиот регион.
Неговиот косовски колега Весели изјави дека во финалниот дијалог меѓу Косово и Србија власта и опозицијата треба да бидат едиствени, посочувајќи дека „не е време за его и за власт, туку е време за единство“.
- Косово чекори со одлучност во финалето на дијалогот за да добие место во ОН. Горди сме што имаме партнери како САД и сме заедно со западните земји. Никој не може да им наштети на суверентитетот и иднината на Косово, ниту (српскиот претседател Александар) Вучиќ со неговото доаѓање, ни каква било изјава. Она што навистина му наштетува на Косово е недостигот на единство, рече Весели.