Здравствен проблем го направи 16- годишниот Јован Илиевски еден од најдобрите пливачи коj освоил над 170 медали за својот тим во Тренто, Италија. Јован Илиевски е момче чии родители потекнуваат од Делчево но кои долги години се надвор од Македонија. Во Италија е роден и Јован на кој на шестгодишна возраст при рутински ортопедски преглед му била дијагностицирана спондилоза, му било препорачано да почне да се занимава со спорт, а италијанските лекари настојувале тоа да биде пливање. Родителите на Јован, кои воедно се негова најголема поддршка, веднаш го запишале во пливачкиот клуб „Trento nuoto“.

Бидејќи пливањето било со конкретна цел, првично самиот Јован и неговите најблиски на тоа гледале како на рекреативно исполнување на времето, но како што годините минувале тренерите од клубот забележале дека Јован покажува исклучителен талент на кој мора да започне професионално да се работи. И така двата часа во текот на неделата биле заменети со секојдневно макотрпно тренирање, посебен режим на исхрана и специјална опрема.

Бидејќи првиот клуб немал многу можности за натпреварување, морал да се префрли во друг клуб. Токму во вториот клуб „Rari Nantes Trento“ останува и до ден денес. Тој е еден од најистакнатите клубови во Италија, постои од 1935 година и моментално има околу 40 членови.

Присуството на младиот пливач во Делчево го искористивме да дознаеме се за него, од тоа како го доживеал првиот натпревар до неговиот последен успех. На наше изненадување Илиевски го зборуваше македонскиот јазик без проблеми.

- Се сеќавам на првиот натпревар на домашен терен кога имав страшна трема и мислев дека ќе завршам последен. Си велев нема да одам, ќе ми се смеат сите, но некако ме убедија да настапувам, испливав пред сите мои врсници и оттогаш се натпреварувам за да победувам. Натпреварите не ги бројам, но знам дека имам околу 170 медали, а ретко кога губам на натпревари во мојата категорија. Најдобро ми оди во дисциплината градно на 200 метри. Добар сум и на 100 метри градно и 100 метри слободно. Со останатите дисциплини немам поголем проблем. Тренинзите се одвиваат скалесто од лесни до потешки, сега од септември ќе започнам да се натпреварувам во категоријата јуниори, па ќе видиме како ќе биде, раскажува Јован.

За трофеите и резултатите кои ги постигнал шампионот од Тренто сведочат големиот број фотографии на неговиот личен профил на социјалните мрежи. Неговите одлични резултати и потеклото на родителите го поттикнале Јован да размислува да настапува за Македонија. Заедно со неговите родители направиле контакт со Пливачката федерација во Македонија, но резултат од тој контакт се уште нема. Токму затоа го запрашавме Јован да направи една мала споредба за организацијата во овој спорт во Италија и овде во Македонија.

- Во Италија има премногу убави базени и се е добро организирано. Тука пробавме да контактираме со федерацијата но не не повикаа, се надеваме ќе не повикаат друга година. Сакам да ја претставувам Македонија, бидејки со моите резултати може да ја претставувам државата и на Олимпијада, тоа ќе биде преголем успех за мене, вели Илиевски.

Пливањето е спорт за кој е потребен голем напор и добар оброк, но како што вели Илиевски за него посебниот режим на исхрана не е секогаш правило. Неговиот ден започнува со тренинг, а како што вели најдобриот оброк доаѓа на крајот на денот.

- Во периодот од јуни до половината на август станувам во осум часот, а во 9 часот сум на тренинг, јадам тоа што можам, од девет до 11 часот сум на тренинг, потоа се враќам, јадам 200-300 грама паста, одморам и потоа имам уште два часа тренинг и вечерта кога се враќам секогаш јадам месо. Бидејки сум малку послаб, потребни се многу калории за овој спорт и затоа за да создадам поцврсти мускули јадам специјално месо. Некој вели дека треба да се јаде и многу овошје, јаболки и зеленчук, ама јас и без тоа стигнав на национален натпревар, додава Илиевски.

Илиевски учи во средно училиште и засега добро му оди. Успева да го избалансира спортот и учењето и генерално како што вели успева да има добри оценки.

- Јас учам фризерско училиште, имам уште две три години за да земам диплома и потоа можам да отворам салон и да бидам фризер. Инаку имам желба да завршам и училиште за физиотерапевт и паралелно да си продолжам со пливање, додека имам интерес од тоа, потенцира Илиевски.

Моментално паузата Илиевски ја користи во Делчево, родниот град на неговите родители, најчесто со играње фудбал на спортското игралиште пред деветолетката „Ванчо Прке“. Како што вели базенот во Делчево не му е предизвик бидејки е во базен 11 месеци секој ден и затоа игра фудбал со овдешните другари. Што се однесува до понатамошните натпревари следните го очекуваат во септември.

Последниот натпревар на кој настапил Јован е оној од 7 август во Рим кога на националниот натпревар за деца на негова возраст постигнал резултат кој го вбројува меѓу 35 најдобри пливачи во Италија.

- Тој натпревар се одржа од 7-10 август во Рим. Таму беа собрани најдобрите пливачи од цела Италија. На тој натпревар се натпреварував на 200 метри градно. Бев пријавен како 51 натпреварувач, а зад мене со она што го испливав оставив околу 16 луѓе, што воопшто не е лош резултат. Од септември ќе почнеме пак со пливање, а со натпревари продолжуваме во март и април следната година кога имам голем натпревар, од кој очекувам добар резултат, вели Илиевски.

Како што истакна младиот Јован, во Италија е хендикеп тоа што шеснаесеттата година е пресудна каков ќе биде текот на кариерата за многу пливачи. Како што вели Илиевски, многу млади поради неможноста да ги повторат своите најдобри резултати се откажуваат на таа возраст.

- Во Италија има многу деца кои од мала возраст се заинтересирани, напорно работат со тренерите кои успеваат да ги мотивираат до 16 години да постигнат италијански рекорди, ама потоа не можат да го повторат успехот и се откажуваат. После 18 години има многу малку кои продолжуваат. Еден од ретките кој успеал да направи нешто во својата кариера е Фабио Скoцоли кој ми е омилен пливач од италијанската репрезентација, тој плива 50 и 100 метри градно и има постигнато многу успеси, додава Јован.

Илиевски на крај од нашиот разговор упати апел до младите да спортуваат, бидејки само така можат да ги одбегнат пороците кои ги демнеат.

- Не мора да спортуваш професионално, ама да одиш еднаш, двапати неделно да поиграш фудбал или да трчиш, со еден збор да се активираш е 100 посто подобро отколку да пушиш или пиеш, додава за крај на разговорот Илиевски.

За него останува желбата за настап за македонската репрезентација, дотогаш како што рече самиот, ќе продолжи да дава се до себе, за да биде најдобар во својата конкуренција во Тренто.

Валери Спасовски



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2018 22:55