Словенечкиот Парламент денеска треба да се изјасни за избор на малцинската Влада на премиерот Марјан Шарец.

Државниот збор во август го избра Шраец за премиер, а денеска треба да се изјасни за изборот на 16-те министри во неговиот владин Кабинет.

Согласно словенечкиот Устав, доколку Парламентот денеска не ја избере Владата што ја предложи Шарец, тој ќе има рок од 10 дена до законодавниот дом да достави нов предлог за состав на неговиот Кабинет.

Партијата на Шарец, Листа на Марјан Шарец (ЛМС) и останите четири партии од неговата владина коалиција немаат мнозинство во Државниот збор, но се очекува за избор на Владата да гласаат и пратениците од партијата Левица, која одби да се вклучи во владината коалиција, но најави поддршка при изборот на Кабинетот.

Покрај ЛМС во Владата на левиот центар на Шарец учествуваат и партијата Социјални демократи (СД), Партијата на модерниот центар (СМЦ) на донеодамнешниот премиер Миро Церар, Партијата на Аленка Братушек и Демократската партија на пензионерите на Словенија (ДЕСУС). Петте партии имаа 43 места во 90-члениот Државен збор.

Доколку Парламнтот денеска ја избере новата Влада, нејзините членови веднаш ќе положат заклетва, по што ќе се одржи и првата владина седница.

Четириесетгодишниот Шарец, која е поранешен актер и градоначалник на Камник, е најмладиот премиер на Словенија од стекнувањето на независноста на земјата во 1991 година.

Шарец оствари пробив во словенечката политика на национално ниво на ланските претседателски избори, кога успеа да се пласира во вториот круг, каде беше поразен од актуелниот словенечки претседател Борут Пахор.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2018 12:46