Вооружена екстремистичка група, која себеси се претставува како Албанска национална армија (АНА), објави видео, во кое од албанската и од косовската влада бара да не „тргуваат“ со територии.

- Бараме од политичарите да престанат да продаваат или тргуваат со територии за свои лични интереси, порачуваат на видеото вооружени и маскирани милитанти на албански јазик зад кои е поставено албанското национално знаме.

Холандскиот новинар со албанско потекло Винсент Триесте на Твитер објави превод на искажаните закани во видеото.

- Мора веднаш да прекинат разговорите за трговија на териториите на Северна Митровица и Прешевската Долина, порачуваат екстремистите.

Како што јави дописникот на МИА, Триесте вели дека станува збор за екстремистичка организација, опремена со лесно оружје „калашникови" и снајпери.

Ова е прва вооружена група што се огласи против поделба на територијата меѓу Белград и Приштина, посочува Триесте, нагласувајќи го фактот дека првпат се слушнал „јужноалбански акцент“, бидејќи вообичаено, како што објаснува, лицата кои говорат на слични видеа имаат „косовски акцент“.

Според него, на оваа група не и се придава поголемо значење.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2018 17:46