Словенечкиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, вели дека се сомнева оти кореткно била пренесена изјавата на претседателот на Словенија, Борут Пахор за проширувањето на ЕУ кон Балканот.
Според медиумите, Пахор вчера изјавил дека не може да се примат нови земји членки во сегашната состојба на ЕУ.
- Јас не слушнав таква изјава, но ако навистина било така кажано, мислам дека господинот Пахор за таква изјава немал никакво овластување од ЕУ, ниту во ЕУ се размислува на таков начин. Има проблеми во ЕУ кои се решаваат попат и ќе се решаваат и натаму, можеби и со некои нови уставни решенија и со нова конвенција за уставот на ЕУ, но сигурно е дека ЕУ нема да чека да ги реши внатрешни прашања па тоа да биде услов за нови проширувања. Јас верувам дека таа изјава на претседателот Пахор не е пренесена коректно и во целост, изјави Вајгл.
Запрашан за вчерашното обраќање на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер пред Европскиот Парламент, во кое тој не ја повтори реченицата за „потврда на европската перспектива за Западниот Балкан“, Вајгл смета дека тоа не значи промена на ставот на ЕК кон проширувањето, туку префрлање на одговорноста кај земјите членки.
Јункер вчера побара од земјите членки да дефинираат јасен став за Западниот Балкан и да имаат на ум дека други сили ќе го обликуваат регионот доколку тоа не го стори ЕУ.
- Јункер даде поддршка за таа идеја во мерка во која укажува на тоа дека проширување не е само приоритет на Европската комисија, а Европската комисија тоа повеќе пати го стави на знаење, туку дека треба да биде приоритет на надворешната политика на сите држави на ЕУ, изјави Вајгл.
Според Вајгл, и првиот говор на Јункер пред Европскиот парламент пред четири години бил „разочарувачки“, кога тој изјави дека за време на мандатот на сегашната Комисија нема да има нови земји членки, но дека тоа не ја спречило Европската комисија на дело да преземе конкретни чекори и да му даде јасна перспектива на регионот.
Во интервјуто за МИА, европратеникот се осврна и на дијалогот помеѓу Србија и Косово и оцени дека изјавите за промена на територии и граници немаат поддршка во Европската Унија, иако првичните реакции во ЕУ биле „избрзани“.