Без поддршка од коалициониот партнер Независни Грци, не постои владино мнозинство и потребни се избори, смета лидерот на грчката партија Река, Ставрос Теодоракис во однос на несогласувањата во грчката Влада околу Договорот од Преспа.

- Ако господинот Каменос и Независни Грци не ја поддржат одлуката на Владата за македонското прашање, јасно е дека не постои Влада, јасно е дека не постои владино мнозинство и треба да одиме на избори, рече Теодоракис и објасни дека сите овие години што се во политиката го прават она што е патриотски правилно, а нивната политика не ја идентификуваме со СИРИЗА и Независни Грци.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на прес-конференцијата во рамките на 83. Меѓународен саем во Солун, првиот човек на Река, прашан за договорот меѓу Македонија и Грција, се осврна на ширењето на исламизмот, но и на Турција на Балканот.

- Турците ги модернизираат двата аеродрома кај нашите соседи, во Скопје и Охрид и имаат многу конкретно барање до владата на Скопје, да изградат воена авионска база. Поставив едно прашање до сите и не добив одговор од никој. Ќе го дозволиме тоа? Ќе дозволиме проширување на исламскиот лак во Скопје, во Албанија?, го повтори Теодоракис неговиот став и додаде дека според него, „Грција треба да ги предводи напорите на малите балкански земји да ја сретнат Европската унија“.

Лидерот на партијата Река, во почетното обраќање пред новинарите, говореше за промените што треба да се направат во Грција, во повеќе области, но и дека на земјата и е потребна патриотска политика.

- Што можеме да промениме? Потребна ни е патриотска политика. Не моја и твоја, туку заеднички исцртана или барем по еден елементарен консензус. Бренд името Македонија, во културата во производите, се должи на грчката Македонија. Да одиме напред, без страв. Грција што ја сакаме е орел, не е ној, рече Теодоракис, на почетокот од прес конференцијата, пренесе МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2018 18:32