Шефот на албанска држава Илир Мета ја поздрави одлуката на Европскиот парламент за укинување на визите за Косово, оценувајќи го тоа како јасен сигнал за неговата европска перспектива.

„Честитки Косово! Ја поздравувам одлуката на ЕП да даде зелено светло за визна либерализација за Косово! Јасна порака за неговата европска перспектива! Огромна радост од оваа извонредна вест и големо постигнување за народот и државата Косово, која секојдневно расте и се зацврстува како фактор на мирот и стабилноста во регионот“, напиша Мета на фејсбук.

Одлуката на ЕП ја поздрави и лидерот на албанската најголема опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша.

-Ја поздравувам одлуката на ЕП за движење без визи на граѓаните на Косово во Европската унија. Со оваа одлука на граѓаните на Косово им се признава едно заслужено право и рамноправно достоинство во регионот. Гласањето во ЕП претставува јасна поддршка за Косово и неговата европска перспектива, оцени Баша.

И за лидерката на третата по голема партија во Албанија, Движењето за социјалистичка интеграција Моника Круемади, одлуката претставува извонредно добра вест за Косово и неговите граѓани и јасна порака за неговата европска перспектива.

- Косово со сите свои жртви требаше многу порано да се приклучи кон правото слободно да се движи и без бариери. Исто така, посакувам Советот на Европа што побрзо да ја усвои оваа препорака на Европскиот парламент за да го отвори патот за понатамошна соработка на нашиот регион со Европската унија.

Претходно, одлуката на ЕП ја поздрави и премиерот Еди Рама.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2018 20:43