Потпретседателот на Српската листа и пратеник во косовското Собрание Игор Симиќ се спротивстави на денешната одлука на Владата на Косово, во која партиципира и неговата партија, да ја започне трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во војска на Косово.
- Единствена легална воена формација во Косово, според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, е КФОР, кој на овие простори дојде со согласност на Република Србија, изјави Симиќ за Радио Слободна Европа.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Владата на Рамуш Харадинај денеска едногласно, но без присуство на министрите од Српската листа, го усвои Нацрт-законот за трансформација на ФСК во Војска на Косово. Во таа функција, на предлог на министерот за ФСК Рустем Бериша, беа усвоени и измените на три закони, со кои на таа формација се даваат нови надлежности, а Министерството на ФСК прераснува во Министерство за одбрана на Косово.
Премиерот Рамуш Харадинај, како и другите косовски лидери, веќе неколку години најавуваат трансформација на ФСК во војска на Косово.
Меѓународниот фактор, иако не се спротивставува на оваа намера, сепак нагласува дека тоа може да се изведе единствено со промена на Уставот на Косово. За такво нешто, пак, е потребно двотретинско мнозинство, како и мнозинството на гласовите на пратениците Срби, кои, како и официјален Белград, се категорично против формирање косовска војска.
Со оглед дека нема изгледи да ја реализира намерата со промена на Уставот, Харадинај најави дека формирањето на војска на Косово ќе го изведе постепено, со законски измени, но за ова ја нема поддршката на западните сојузници.