Во Кавадарци синоќа почна тридневната манифестација „Тиквешки рок фест 2018”. Настанот е во организација на Здружението за алтернативна култура „Алтер центар” и Домот на култура „Иван Мазов Климе од Кавадарци”, а е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и помогнат од локалната самоуправа.
- Ова е доказ дека институции од областа на културата и здруженија можат успешно да соработуваат. Вистинските рокери ќе имаат прилика да проследат неколку настани, рече Александар Малинков, директор во Домот.
Марјан Тодоровски, претставник на Здружението, потсети дека првиот Рок фест во Кавадарци бил одржан во 1992 година. Идејата била да се даде шанса на кавадаречките рок бендови, да настапат на сцена и да ги покажат своите музички достигнувања.
Вториот фестивал се одржал во 1996 година. Следната година, рок манифестацијата станала меѓународна, а ентузијазмот кај организаторите достигнал врв. Потоа повторно имало прекин, иако идејата не била згасната. Минатата година биле одбележани 25 години од првиот рок фестивал во Кавадарци. Тодоровски нагласи дека годинешниов настан, е возобновување на фестивалот на фестивалската сцена во Македонија. И додаде, дека Фестивалот ќе расте.
Во рамки на првата фестивалска вечер, беше промовиран новиот сингл на рок бендот „Лексикон” од Кавадарци, насловен “Нова скала”.
Тодоровски рече дека станува збор за одличен бенд кој има свој авторски материјал. Дејан Митрев свири бас гитара, Виктор Кимов гитара и Анета Мишева настапува како вокал. Музиката е на Митрев, аранжманот е на Кимов во соработка со Дејан, а текстот на Мишева.