Активистите изутринава кајакареа по бетонската река пред Владата за да ја подигнат свеста кај јавноста за значењето на недопрената природа и прекрасните речни долини и кањони на Балканот.

Еко-свест заедно со ФРОНТ 21/42 покренаа петиција за стопирање на изградбата на хидроенергетски проекти во заштитените подрачја низ Македонија која сеуште е отворена за потпишување.

Во последните три дена Македонија беше дел од кампањата „Балкан Риверс Тур“, односно „Кајакарење по балканските реки“.

Со турнејата, тимот на Балкан Риверс Тур дава поддршка на локални иницијативи што имаат заедничка цел - да ги заштитат последните слободни реки во Европа.

Турнејата вклучува кајакарење по 23 реки низ шест држави, во 39 денови, почнувајќи од Тепелене, Албанија па се до Љубљана, Словенија, вклучувајќи ја и реката Радика во Националниот парк Маврово.

Во рамки на овогодинешната турнеа премиерно се прикажуваше и документарниот филм „The Undamaged“ (Неоштетените), снимен за време на турнеите во 2016 и 2017 година.

- Борбата за последните слободни реки е борба на обични луѓе за да ги зачуваат своите заедници, својот начин на живот, рече Рок Розман организатор на турата и националниот тим на Синото срце на Европа на вчерашното премиерно прикажување на филмот во Скопје.

Во Македонија, речиси сите реки се под големи директни и индиректни антропогени притисоци, во најголем дел од акумулации изградени на нив.

Планирани се над 400-тина хидроенергетски проекти само во нашата земја. Половина од нив во недопрена природа во најживописните речни долини. Пресушувањето на овие реки и уништувањето на нивното речно корито значи уништување на ретки и ендемични видови флора и фауна кои се дел од пошироки екосистеми дел од кои е и човекот.

ООН уште во 2004 предупреди дека до 2025, 1.800 милиони луѓе ќе живеат во земји со недостиг на вода за пиење. Пресушувањето на реките ги доведува во опасност изворите на питка вода за жителите на многу локации во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/09/2018 19:14