Поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша верува дека идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија е проект на Белград, јави дописникот на МИА.

Гостувајќи во телевизиска емисија, Бериша упати тешки обвинувања на адреса на косовскиот претседател Хашим Тачи, кого го нарече „аргат“ кој го брани овој проект.

Бериша смета дека идејата за размена на територии е идеја на Белград, од која добивка има единствено Србија, но не и Косово.

Тој посочува дека проектот за корекција на границата меѓу Косово и Србија не е американски проект и додава дека и „претставникот на американскиот Сенат јасно кажал дека договор за тоа бара Русија“.

- Претставникот на американскиот Сенат јасно кажа дека договорот го бара Русија. Па се јавува аргатот (Тачи). Се јавува некој кој зборува албански и вели не, јас го ставам ова прашање на дискусија и јас барам корекција на границите, а не Белград. Ова е фатално. Како можеш да им кажеш на Албанците такво нешто?, изјави Бериша, кој е и поранешен лидер на Демократската партија.

Бершиша нагласи дека категорично е против корекција на границите, затоа што тоа е многу опасно по мирот и безбедноста на Балканот.

Во истото гостување, меѓу другото, Бериша оцени дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган има огромно влијание во Албанија, поради блиските врски со албанскиот премиер Еди Рама.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/09/2018 19:58