Претставници на Локалниот граѓански совет на Општина Велес, односно невладините организации од Велес денеска дебатираа за улогата на невладиниот сектор во активностите на планот на волонтаризмот за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните. Тие дискутираа и за нивната улога во евроатлантските интеграции.
Градоначалникот Аце Коцевски кој се вклучи во дебатата, во изјавата за медиумите потсети дека на патот кон ЕУ и НАТО во наредниот период на Македонија ќе и бидат ставени многу финансиски средства.Тој потенцира дека еден сериозен дел од тие средства се однесуваат на проекти за кои имаат право да аплицираат само граѓански организации, а дел од проектите ќе бидат во партнерство меѓу граѓанските организации и општините од Р.Македонија.
- Затоа сметам дека во наредниот период треба сериозно да се работи на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за да можат да подготват квалитетни проекти самостојно или во соработка со општините. Целта е да издејствуваме квалитетни проекти, за што повеќе средства за нашата општина, а со што би го подобриле квалитетот на живеење на граѓаните, потенцира Коцевски
Тој до граѓанските организации од градот апелира да се врати приматот на Велес, а кој пред десетина години беше лидер во граѓанското организирање, посебно во борбата за здрава животна средина, а што потоа го следеа многу други градови во земјава.
Градоначалникот Коцевски воедно преку медиумите го повикува невладиниот сектор и сите граѓани на Велес утре да се вклучат во втората годинашна еколошка акција за почист град.
За акцијата која почнува во 8 часот се одбрани две локации во паркот во месноста „Дворови“ под Железен мост и околу зградата на ХИВ покрај Вардар, и кај зградата на невладините организации во дворови.
Вториот пункт ќе биде на улицата „11 Октомври“ во близината на малото пазарче во Нова населба.