Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ порача денеска дека Србија апсолутно се противи на формирањето косовската армија, укажувајќи дека тоа води кон закана за стабилноста и безбедноста во Косово.

- Ова е во спротивност со сегашниот меѓународен правен поредок и со Резолуцијата 1244, која гледа на КФОР како на единствена форма на вооружено присуство, кажа Дачиќ, прашувајќи се - за што тие сили би служеле покрај КФОР, освен за можен конфликт.

Тој констатираше дека ова го прават сили кои сакаат да ја поткопаат можноста за постигнување на одредено трајно решение.

- Видовте дека НАТО и САД, без оглед на фактот што некои од нив имаат симпатии кон косовската независност, не го поддржуваат овој начин на формирање на војската и сметаат дека тоа треба да се направи преку уставни промени, а до нив не може да се дојде без согласност на Српската листа во косовскиот парламент, рече Дачиќ.

Тој изјави дека од разни земји доаѓаат пораки дека Србија може да ја добие само Заедницата на српски општини само на северно Косово, а бидејќи владата е стабилна, тоа може да им го „продаде на своите граѓани".

- Порачувам да не зборуваат глупости, нема ништо од тоа. Ако не сакаат решение во кое Србија ќе добие нешто, ако не сакаат компромис, тогаш тоа ќе остане нерешено прашање, оцени Дачиќ.

- Сигурен сум дека бројот на држави кои го признале Косово ќе се намалува, заклучи Дачиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/09/2018 21:03