Србија за пристапување во Европската унија мора да ги исполни јасно дефинираните критериуми и да продолжи да работи на договор за нормализирање на односите со Косово, изјави за Радио Слободна Европа Маја Кочијанчиќ, портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини.

Таа реагираше на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека во случај на постигнување на договор со Приштина, „Србија би требало да добие јасни гаранции дека ќе биде членка на Унијата до 2025".

Коцијанчиќ кажа дека Европската комисија со Стратегијата за Западен Балкан го „определила индикативниот датум", но јасно потенцираше дека критериумите мора да бидат исполнети.

- Ова е клучот кој е во рацете само на Србија. Значи, Србија е таа што мора да го направи она што е потребно за напредок во процесот на проширување, рече Коцијанчиќ.

Портпаролката на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини, изјави дека мора да се продолжи со работата на постигнувањето договорот меѓу Белград и Приштина за сеопфатна нормализација на односите.

- Таа работа е во тек и ние бевме јасни кои се нашите очекувања, додаде таа.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2018 01:55