Владата води посебна грижа за тутунопроизводителите преку зголемени субвенции, а оштетените земјоделци од јулското невреме во најбрз можен законски рок ќе дознаат како ќе бидат обесштетени, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по денешната посета на Прилеп.
Николовски се сретна со земјоделците во Канатларци и во оштетените реони на Мало и Големо Коњари.
- Токму преку оваа значајна земјоделска гранка годишно обезбедуваме 100 милиони евра девизен прилив. Затоа Владата ја донесе историската и значајна одлука за зголемување на субвенциите. Го воведовме концептот и моделот на субвенционирање на три нивоа, за прва класа 80, за втора 70 и 60 денари за килограм за трета, четврта и за дополнителните класи. На тој начин дополнителни пет милиона евра е зголемувањето на субвенциите кои ги добија тутунопроизводителите, почнувајќи од оваа година. Навремено на тутунарите им беа исплатени 28 милиона евра, кога им се најпотребни на 26.000 семејства, изјави Николовски.
Оцени и дека последната реколта е историски највисока, а се постигна цена од 217 денари за килограм откупен тутун.
Според министерот, во процедура е новиот закон за тутун што ќе значи административно олеснување за земјоделците.
Во врска со обесштетувањето од јулското невреме, Николовски информира дека Извештајот на прилепската комисија која ги процени штетите на околу три милона евра ќе стигне во меѓувладината комисија.
- Прилеп е исчистен, платени се сите штети за кои нема никаков проблем во 2018 година. Овде станува збор за постапка која е иницирана од општина Прилеп. Денеска е завршена постапката во општината, извештајот ќе стигне во меѓувладината комисија, по процените на Бирото за судски вештачења, владата ќе го определи процентот за исплата согласно со Законот за заштита и спасување и верувам, како што ја забрзавме постапката за исплата на штетите за 2017 година и ја завршивме, дека и овде станува збор за постапка во целост испочитувана со Законот. Нема неправилности, ниту нејаснотии, како што се случуваше во 2015 и 2016 година кои ги наследивме и сметам дека оваа работа брзо ќе биде завршена и граѓаните ќе бидат обештетени согласно со владините одлуки, рече министерот.
И во Прилепско потенцира дека за сите земјоделци е битно влегувањето во ЕУ кое ќе донесе голем пазар и повисоки откупни цени.
- ЕУ одделува 40 проценти од својот буџет токму за секторот земјоделство. Затоа, 30 септември е многу битен за тутунопроизводителите, за земјоделците, за сите граѓани за да го направиме овој крупен исчекор со кој ќе дојдеме до повисоки откупни цени, до сигурен пласман, до зголемен извоз и до зголемен број вработувања во целиот сектор со влезот на Македонија на пазарот од 500 милиони граѓани на ЕУ, изјави министерот.
Тој ја посети и Подрачната единица на Министерството во Прилеп и се сретна со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
Јованоски рече дека првпат локалната самоуправа ќе одвои средства за обесштетување на земјоделците од јулското невреме.