Косовскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Беџет Пацоли на денешната средба со неговиот албански колега Дитмир Бушати побарал Албанија да се вклучи во дијалогот меѓу Косово и Србија.

Тој го информирал Бушати за досегашниот тек на дијалогот и оценил дека договор со Белград треба да се постигне што побрзо, јавува Анадолија.

- Конечната фаза од дијалогот Косово - Србија почна, имаше три состаноци. Иако е многу тежок, мора да продолжи. Ќе биде временски ограничен, нема да трае десетици години и заклучоците мора да бидат донесени што побрзо. Тоа е неопходно и за Србија и нејзините интеграции, но и за Косово, рече Пацоли.

Тој истакна дека во дијалогот со Србија се е отворено, но имајќи предвид дека Косово е држава која прогласи независност во 2008 година на своја територија и дека тие граници мора да се почитуваат и заштитуваат.

Пацоли рече дека од Албанија побарал да „не седи со скрстени раце“ и само да набљудува што се случува, туку да биде таму - или јавно или зад кулисите.

- Ако може Европската унија да биде присутна и САД, зошто не и Албанија? Албанија може да даде голем придонес, оцени Пацоли.

Бушати истакна дека Албанија секогаш го поддржувала процесот на дијалог, без оглед на тоа кој бил или е на власт во Косово или во Албанија.

- Нашата девиза во Албанија е дека Косово е секогаш на прво место и до таа девиза верно се придржуваме, без оглед на различните политички позиции кои политичките актери во Албанија можат да ги имаат во врска со локалните прашања. Кога станува збор за ова прашање, ние демонстриравме единство и солидарност, потенцираше Бушати.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2018 02:51