Главниот обвинител на Косово, Александар Луземи покрена обвиненија против 12 лица, вклучително и високи државни службеници, за злоупотреба на пензискиот фонд, наведувајќи дека осомничените регистрирале илјадници лажни воени ветерани, кои илегално добивале пензии во вредност од милиони евра.

Околу 40.000 лица во Косово земаат државни пензии како воени ветерани, но според обвинението, половина од нив никогаш не се бореле во конфликтот од 1998 до 1999 година.

Луземи посочи дека меѓу обвинетите се и министерот на Косовските безбедносни сили, Рустем Бериша и неговиот заменик Агим Чеку.

- Од доказите кои ги собравме досега, станува јасно дека државниот буџет бил оштетен за 68 милиони евра од нелегалните испати за ветерани, изјави главниот обвинител на Косово.

Чеку, кој исто така претседава и со Комисијата што ги разгледува молбите за пензии на воените ветерани, одби да го коментира обвинението.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) оддамна предупредува дека пензискиот систем за воени ветерани на Косово ќе претставува голем товар врз буџетот.

- Обвинението за пензискиот фонд е поднесено. Чест е за Косово што го направи тој важен чекор во борбата против корупцијата, напиша на неговиот Твитер налог американскиот амбасадор во Приштина, Грег Делауи.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2018 15:45