Вработените во општина Ресен, учениците од основните и средното училиште и еколошкото друштво „Еко герила - Преспа“, со поддршка на локалното население, со еко акција денеска се вклучија во одбележувањето на Светскиот ден на чистењето.

Во акцијата учествуваше и градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски, кој упати благодарност за масовната вклученост во акцијата за почиста Преспа.

Тој апелира до населението да не фрла отпадоци, и, како што рече, сите заедно да ги зачуваме природата и животната средина.

- Општина Ресен се залага за чиста животна средина. Ќе продолжиме да работиме за почист Ресен, за почиста Преспа и за здрава животна средина. Апелирам да проработи свеста кај граѓаните да не фрлаат отпад насекаде и да ја зачуваме животната средина, истакна Гошаревски за МИА.

Во акцијата се чистеше на цела територија на општината, околу училиштата, градинката, градскиот пазар, Паркот на природата „Езерани“, на потегот од спортската сала до градскиот стадион... Со градежна механизација се дислоцира и дивата депонија на патот Царев Двор – Езерани.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2018 15:58