Одделот за одбранебени и безбедносни политики (ДПМС) при владејачката Алијанса за иднината на Косово (ААК) го оцени како исклучително позитивно испраќањето во собраниска процедура од страна на Владата на трите нацрт-закони со кои се тежнее кон тансформација на Косовските безбедносни сили (ФСК) во војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Овој орган на партијата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај смета дека „таквите проактивни дејствија на Владата, во координација со стратешките партнери на ФСК, НАТО и САД, создаваат комплетна законска инфраструктура за формирање на Војската на Косово“.
- (Тоа е) главна компонента на безбедноста за гарантирање на суверенитетот и мирот, зачувувајќи го директно безбедносниот амбиент во Косово и регионот и воените капацитети за мировни мисии во светот, се вели во денешното соопштение на ДПМС на ААК.
Партијата на Харадинај нагласува дека „ги поздравува сите државни и меѓународни заложби, со посебен акцент на САД и НАТО, за готовноста да понудат стратешка поддршка за техничките воени аспекти и логистика во интерес на мисијата на ФСК“.
- Потребата Косово да формира војска е многу итна и изнаоѓањето координирана формална опција би подразбирало проширување на мисијата на ФСК до целосната трансформација, се вели во соопштението на ДПМС на ААК.
Косовската Влада во четвртокот усвои нацрт-закон и измени на постоечки закони за ФСК, со кои оваа формација постепено треба да се трансформира во војска на Косово, а Министерството за ФСК да прерасне во Министерство за одбрана.
На ова се спротивстави партијата Српска листа, која е дел од косовската владејачка коалиција, како и официјален Белград, кои велат дека, според резолуцијата 1244 на ОН, единствена вооружена сила во Косово е КФОР.
Според српискиот министер за одбрана Александар Вулин, ваквите дејствија на Владата во Приштина се насочени „против мировните напори“ на српскиот претседател Алксандар Вучиќ, додека единствена намена на косовската војска би била војна со Србија.
Американската амбасада во Приштина соопшти дека не била консултирана за намерта на Владата на Харадинај со законски измени да ја трансформира ФСК во војска и порача дека, иако го поддржува правото на Косово да има одбранбени сили, сепак тоа може да се направи единствено со измена на Уставот.
За измена на Уставот, пак, потребни се две третини од гласовите на пратениците Срби во Собранието на Косово, нешто што е невозможно да се очекува со оглед на нивниот, но и на ставот на официјален Белград кој е категорично против тоа Косово да има вооружени сили.