Нова демократија ќе гласа против Договорот од Преспа, а другата страна треба да знае дека, ако не биде изгласан од грчкиот парламент, тогаш преговорите почнуваат од почеток, порача Кирјакос Мицотакис, лидерот на најголемата грчка опозициска партија од Солун, за време на неговиот говор во рамките на 83от Меѓународен саем, јави дописничката на МИА од Атина.

- Сакам од овде, од престолнината на Македонија да испратам една јасна порака до сите, Нова демократија ќе гласа против овој договор дали сега дали во следниот парламент. А ако на крај, договорот што го потпиша СИРИЗА не биде изгласан од парламентот, тогаш и другата страна треба да знае дека преговорите започнуваат од почеток, рече Мицотакис.

Претседателот на Нова демократија уште еднаш го повтори ставот дека со Договорот од Преспа „на соседите им се отстапуваат македонскиот идентитет и македонскиот јазик“.

-Тешка сенка паѓа врз Северна Грција, тоа е Договорот за скопското прашање кој го потпишаа во отсуство на грчкиот парламент, во отсуство на грчкиот народ господата Ципрас, Коѕијас и Каменос. Договор на срамот, кој за прв пат отстапува македонски идентитет и македонскиот јазик на нашите соседи, истакна Мицотакис и додаде дека уште посрамен е обидот на актуелната грчка влада „да ги карактеризира радикални десничари оние кои излегуваат на протести“.

- Повторно му велиме на господинот Ципрас дека вистинските патриоти не се националисти. И дека екстремните националисти не се патриоти, рече Мицотакис.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, додека Мицотакис говореше за Договорот од Преспа, присутните во салата на Меѓународниот саем, на неколку пати го прекинаа со силни аплаузи.

Во присуство на поранешните премиери и претседатели на Нова демократија, Костас Караманлис и Андонис Самарас, Мицотакис во традиционалниот говор на саемот, овој пат под мотото „Можеме“ ги претстави мерките што тие како влада би ги презеле за „Грција да оди напред“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2018 21:01