Магичен и мистериозен. Вака посетителите на ајваријадата во срспкиот град Власотинце, го опишаа ајварот подготвен од група росоманци, кој освои трета награда. А кога прашуваа за тајната формула за вкусот кој се памети, добиваа одговор дека рецептот е во љубовта додека се приготвува. Само работа со љубов, ете тоа е рецептот.

Кога најтешката работа претставува забава

Иако правењето ајвар е можеби најмачната работа за многу домаќинства, ајваријадата среде Власотинце беше организирана така добро, што приготвувањето на овој специјалитет беше задоволство и вистинска забава за сите учесници. Организаторот се имаше погрижено за сите детали. Од обезбедување на чешми со вода за миење на пиперките, до тегли за собирање на црвеното злато. Мајсторските вештини се докажуваа пред будното око на јавноста, пред општинската зграда. Позитивна енергија владееше наоколу, шегата беше невидливиот член во секоја екипа.

- Не ми оди брзо да запалам оган бидејќи сум петто женско чедо родено во семејството, па не ми се радувале многу кога сум дошла на свет, па затоа барам припомош при палењето на шпоретот, се шегуваше Весна Јаневска, капитенот на росоманската екипа, уште на стартот на натпреварот.

Вредната екипа од Росоман се одлучи да приготви ајвар на старински традиционален начин, како што се правел во минатото кога немало машинки за мелење, па пиперките морало да се цепкаат на парченца. Со додадени лути пиперчиња, од поднебјето во близина на Црна Река. Тоа само му даде посебен шмек на богатството во тавата. Луто, а сепак толку слатко. И со посебен мирис кој останува да се памети.

И млади и стари припадници од двата пола, застанаа крај штандот на “Вредни росомански раце”, како што впрочем и се вика здружението од Росоман, чиј претседател е Јаневска. Освен што уживаа во гледањето како тоа Македонците го подготвуваат надалеку познатиот вкусен ајвар, тие имаа можност и да дегустираат тиквешко грозје. Се чудеа како гостите кои дошле од југ не се изморени па играат ли играат крај шерпата, во ритамот на музиката која цел ден им правеше друштво. Не беше лесно да се вријат на пеколното сонце и уште поврелата тава во која се крчкаше традиционалниот специјалитет. Но забораваа на маките, тогаш кога сите бараа каде се тоа Македонците, оти ете слушнале дека таму е најубавиот ајвар, толку вкусен, што се лижат и прстите. За многумина, токму Весна како капитен на росоманската екипа, беше некрунисаната кралица на ајварот. Натпреварувачките групи на крај си разменија по некое тегло ајвар. Имаше и такви кои сакаа да купат од готовиот производ, но и такви кои сакаа да го добијат за џабе.

И во Власотинце ретко кој нема лозје, како во Тиквешко

Власотинце е на околу 17 километри од Лесковац. Околу 450 километри поминавме до таму и назад. Ни кажаа дека околу 18 илјади жители има само градот, а околу 35 илјади, општината. Нашите нови пријатели, возбудено ни рекоа дека се чувствуваат како да живеат покрај море. Бидејќи, како што нагласија, ја имаат прекрасната Власинска Река, плажа покрај акумулацијата на реката, наоколу можност за забава. Дознавме дека луѓето таму традиционално се занимаваат со градежништво и земјоделство. Наоколу видовме доста фолии со земјоделски култури. А исто како и во Тиквешко, во Власотинце ретко кој нема лозје. Имаат и други сличности со Кавадарци на пример, како нови производствени погони од областа на текстилот и автомобилската индустрија во кои работат многу луќе а особено жени, многу млади и таму одлучуваат да студираат и слично.

За тоа колку е всушост светот мал, сведочи и средбата со Mакедонци, но и такви кои имаат нешто што ги поврзува со Македонија.

Љубинка Стојковиќ од Грделица има три тетки мажени во Македонија, на татко и братучетки од чичко, од кои една во Росоман. Рече дека отсекогаш сакале Србинките да се мажат за мажи Mакедонци, иако има и обратни случаи.

- Имам 51 година и веќе околу 36 години не сум била во Росоман. Со задоволство се сеќавам, таму првпат во животот видов скелиња со тутун и како расте бостан во нива. Ги земаа лубениците и ги фрлаа во каналот со вода, а водата ги носеше до одредена дестинација, ја користеа како превозно средство. Моите пет братучеди од најголемиот македонски регион за праски и нивните другари кои на мене и сестра ми исто така гледаа како на роднини, не чуваа како капка вода на дланка. Кога ја повредив ногата не ми даваа да згазнам, ме чуваа како принцеза на зрно грашок. Моите роднини тука продаваа бостан, ние таму компири. Имам прекрасни спомени оттаму, се беше толку убаво, би сакала повторно да дојдам, нагласи таа за МИА.

Чадот го нема, но останаа спомените

Натпреварот кој во Власотинце се одржуваше вторпат во реализација на Туристичката организација при општината, во Србија се реализира петти пат. Имаше девет натпреварувачки екипи, од кои само една од Македонија. Финалето е во октомври, во Белград, а ќе се напреваруваат победниците од 34 градови. Истовремено во градот 34-ти пат се одржуваше и Вински бал покрај реката Власина, каде можеше да се дегустира вино и да се пробаат специјалитети од етно кујна. Ни беше кажано дека брендот ги продава местото, производот, туристичкиот пакет. Дека на вработените од областа на туризмот, целта не им е само да продадат вино, како на винариите, туку цел туристички пакет кој опфаќа и дегустација на вино и традиционална храна.

- Ние сме своевидни амбасадори на традицијата во своите земји. Многу е веројатно дека ние во иднина можеме и да ги збратимиме нашите градови. Имате добро вино, исклучително според поднебјето и климата. Ние сме особено поврзани со Македонија. Се сеќавам дека при распадот на Југославија работевме услуги за царинската инспекција при границата помеѓу двете земји. Бевме сведоци како тоа беше стресно за многумина, од жал за разделбата плачеа луѓе од двете страни, ни рече Слободан Ракиќ, стручен соработник за туризам во Власотинце.

Разговаравме, додека во централното градско подрачје имаше богата културно уметничка програма.

Во меѓувреме, на импровизирана тезга се собираа потписи. Иницијаторите за петицијата појаснија дека засега пијат вода од Власинска Река која е загадена поради колекторот во неа и бараат чиста вода од планината. Тоа е, како што нагласија, нивно уставно право. Рекоа дека сега имаат и редукции бидејќи водата се црпи со пумпи на струја, а планинската вода, би се добивала по природен пат.

“Излези ми на тегла” е мотото на манифестацијата која на едно место собра бројни љубители на ајварот. Ако смееш и ако знаеш, се додава во песната која цел ден се вртеше на разгласот, а која останува да ѕвони во ушите и после атрактивниот настан. Всушност, сето тоа му доаѓа како повик за своевиден двобој и одмерување на вештините, кога е во прашање мајсторлукот за правење на највкусната и најмачна зимница. Според организаторите, станува збор за најголем гастрономски караван на Балканот, во потрага по најдобриот мајстор за ајвар. Меѓу натпреварувачите имаше припадници од двата пола, помлади и постари. Мешавина на младост и искуство. Имаше и наградни игри, а марифетната Јаневска освои и ваучер за пазарување во маркет, погодувајќи колку точно тегли ајвар ќе излезат од одредена количина на пиперки. Имаше и други интересни наградни игри. Натпревар во правење сендвичи и палачинки, мемориски игри. Еден член од натпреварувачка екипа, кувар со петдецениско искуство, на 75 години стана шампион во фризби. И ќе остане запаметен по тоа што наместо да седи дома и да не знае што со себе како многумина на негова возраст, цел ден работеше рамо до рамо со другите, а играше дури и повеќе од нив.

При прогласувањето на победниците избрани од жири, беше кажано дека одлуката кој авар да биде награден била многу тешка, бидејќи има и такви мајстори на својот занает, што слободно можат да прават бизнис од ајварот, во кој засега уживаат најблиските, пријателите и соседите. Едни такви мајстори, беше кажано, станаа во мугри и од Росоман до Власотинце поминаа долг пат за да ја докажат умешноста во правење ајвар. И уметноста, како што знае да додаде Јаневска.

Задоволство беше да се биде дел од росоманската екипа која беше во Власотинце. Чадот од шпоретите на кои се вриеше ајварот насобран на нашите алишта и коси не следеше и во Македонија.

Светлана Дарудова



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2018 04:21