Европската комесарка за дигитално општество Марија Габриел изјави дека за три до четири години очекува намалување на цените на роамингот за Западен Балкан, кој ќе биде укинат кога земјите од регионот ќе станат членки на Европската унија.
- Би сакале да постигнеме конкретни резултати за три-четири години. На ЕУ и требаше 10 години разговори и договори за оваа тема. Кога земјите од регионот ќе станат члемки на ЕУ, во тој момент нема да има потреба за посебни цени за роаминг. Сега разговараме за намалување на цените на роаминг, изјави Габриел на прес-конференција во Белград, по средбата со српската премиерка Ана Брнбиќ.
Еврокомесарката изјави дека се планира до летото 2019 година, цените на мегабајт во роаминг да бидат 70 центи, а до 2021 година 20 центи.
- Сега често добивате порака дека цената е 14 евра, изјави Габриел.
Таа нагласи и дека намалувањето на цените за роаминг е приоритет на Дигиталната агенда за Западен Балкан, бидејќи тоа ќе им користи на граѓаните во регионот, како и на стопанството.
- Сметаме на подготвеност на земјите од регионот да се оди напред. Веќе постојат разговори со четири земји, рече Габриел, додавајќи дека наскоро ќе има јасен распоред кога и колку ќе биде намалувањето на цените на СМС пораките и повиците.