Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска беше во посета на детската градинка „Весели цветови“ во Делчево. Во рамките на посетата, Царовска се запозна со условите за работа и престој на дечињата, по што имаше и работна средба со градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, како и со директорката на оваа установа Билјана Симовска.

На средбата беа потенцирани заложбите и напорите на општина Делчево за доградба на уште четири занимални со што конечно ќе се реши проблемот со дечињата кои поради малиот капацитет, сѐ уште остануваат на листата на чекање за влез во детската градинка.

Градоначалникот Трајковски истакна дека за општина Делчево проектот за доградба на градинката е приоритетен.

- Овде го потенцирам проектот кој се однесува на проширување на капацитетите на градинката. Планирана е доградба на уште четири занимални. Моментално се работи на изработка на проектната документација по што ќе биде поднесен до Министерството за труд и социјала кои имаат предвидено средства за оваа намена. Со оваа доградба ќе го решиме проблемот со дечињата кои сѐ уште се наоѓаат на листата за чекање. Во моментов, станува збор за 59 дечиња кои чекаат да бидат примени во градинката, а во детската градинка во Делчево се згрижени 361 дете, а перманентно се решава и проблемот со кадарот, истакна Трајковски.

Посетата на Делчево, министерката Царовска ја продолжи во Дневниот центар за лица со посебни потреби, каде се запозна со условите за работа и престој на лицата со посебни потреби, нивните дневни активности насочени кон социјализација на овие лица, а претходно во Македонска Каменица присуствуваше на свеченото отворање на Дневен центар за лица со интелектуална попреченост.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2018 17:30