Со проект на Програмата за развој при ОН (УНДП), финансиски поддржан од Европскаа унија ќе се решава проблемот околу загадувањето на Охридското Езеро со цврст материјал – седимент како и хемиското загадување предизвикано од сливот на реката Сатеска во езерото.

Проектот предвидува повторно враќање на водотекот на Сатеска во старото речно корито, односно во сливното подрачје на реката Црн Дрим наместо во езерото како што е изминатите 60 години, негово чистење и зголемување на неговата пропусност, како и изградба на бариера за собирање на седиментните наноси што ги носи водотекот.

Во моментов се вршат геодетски истражувања за утврдување на капацитетот вода што може да биде пренасочен во старото корито на Сатеска.

Методија Саздов, раководител на проектот, појасни дека до крајот на тековната година ќе биде обезбедена целосната проектна документација, а дека од идната календарска година ќе започнат и конкретните активности на терен.

- Целта на проектот е чистење на водотокот на реката, речиси сета вода од Сатеска да се пренасочи во старото нејзино корито, додека постојното да служи само како опција во случај на потреба односно при обемни врнежи и енормно зголемен водоток. Седиментот што го носи Сатеска е предвидено да се задржува кај разделната точка, а истиот понатаму да се користи за комерцијални цели односно за други потреби, рече Саздов.

Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП во Скопје која денеска беше во обиколка на самото место каде се врши одвојување на течението на Сатеска кај селото Волино, истакна дека Охридското Езеро како природна убавина заштитена од УНЕСКО мора да биде заштитено од загадување.

- Загадувањето што го предизвикува Сатеска, која во езерото годишно носи 120 илјади метри кубни седимент, како и 39 проценти од вкупното загадување со фосфати од средствата за вештачко ѓубрење на почвата и пестицидите, сметаме дека треба да биде стопирано. Тоа може да биде сторено по природен пат, преку враќање на теченето на реката во старото корито, а истовремено ќе бидат создадени услови за спречување на поплавувања долж водотекот. Ова е одличен пример како со средства на ЕУ фондовите имплементирани преку проекти на УНДП носат бенефит за заедницата, рече таа.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, од своја страна истакна дека проектите како овој што ги обединуваат трите општини Охрид, Струга и Дебрца претставуваат пример како да се користат предвидените средства за поддршка на Унијата.

- Заштитата на животната средина, чистата околина е меѓу аспектите кои во основа најмногу влијаат врз квалитетот на животот на луѓето. Европската унија е повеќе од заинтересирана да поддржува вакви проекти, можам само да дадам уверување за нашата подготвеност да се стори што е можно повеќе за реализација на што повеќе проекти во таа насока, рече тој.

Во име на трите општини инволвирани во проектот градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски изрази благодарност до УНДП и ЕУ за помошта во реализација на проектот.

- Овој зафат значи напредок во насока на зачувување на чистата животната средина, заштита на Охридското Езеро и е прва фаза од завршувањето на целокупниот проект за враќање на Сатеска во старото корито. Со тоа езерото се ослободува од притисокот што реката го вршеше врз езерото како со седимент така и со фосфати и нитрати, рече Стојаноски.

Тој уште додаде дека трите општини се пред донесување на планот за управување на целокупното сливно подрачје на Охридското Езеро што се очекува да биде усвоен на почетокот на идната година. Односниот план ќе биде основа во иднина да биде донесен план за управување со регионот на Охридското Езеро во целина, со отворање простор во активната заштита на езерото да биде вклучена и општината Поградец во соседна Албанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2018 17:38