Министерството за внатрешни работи и СВР Скопје денеска во Сингелиќ отворија Канцеларија за превенција која е втора во општина Гази Баба, каде претходно е отворена во Стајковци. Таму граѓаните ќе може да се информираат за сите аспекти на безбедноста и да имаат директен контакт со полицијата.
Објектот е лоциран на ул. „Алија Авдовиќ“, реновиран е и претставува мултифункционален простор. Покрај Канцеларијата за превенција на МВР, таму ќе биде сместена и Месната заедница на населбата Сингелиќ, како и канцеларии на Министерството за труд и социјална полтика и на Управата за водење матични книги.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при посетата на канцеларијата изјави дека покрај кадровското екипирање и подобрување на условите за работа на полицијата, исклучително е важно да се негува врската помеѓу граѓаните и полицијата која МВР сака да ја обнови.
- Гази Баба треба да биде пример за сите општини во Република Македонија за заедничкото работење помеѓу граѓаните и македонската полиција. Граѓаните на Сингелиќ ќе може постојано да бидат во контакт со полицајците, да разговараат за сите прашања кои би значеле подобрување на нивната безбедноаст и за теми за кои би сакале да знаат повеќе, како заштита на нивните домови, за сообраќајот, како да се избегнуваат насилства и нарушувања на јавниот ред и мир и како сите заедно да си помогнеме за поголема безбедност, изјави министерот Спасовски по увидот на просториите на Канцеларијата за превенција.
Градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски изјави дека граѓаните во Канцеларијата за превенција ќе може директно да разговараат со полицајци од Полициската станица во Автокоманда и, како што рече, да превенираат проблеми од јавната безбедност, нарушување на јавниот ред и мир и можни злоупотреби од поединци. На отворен ден полицајците ќе ги слушнат потребите и предлозите на граѓаните.
- Од руиниран објект пред поплавата на 6 август 2016 година, денеска имаме модерен, мултифункционален објект на 120 квадратни метри. И понатаму ќе правиме капитални објекти кои ќе бидат во функција на граѓаните, истакна Георгиевски, најавувајќи отворање на уште една, трета мобилна превентивна канцеларија во населеното место Колонија Идризово.