Убави, модерни куќи, две џамии и една црква, асфалтирани улици, плевни, реновирано школо, нов парк на кој може да му позавидат градовите од околината.
Провејува мирис на стока. Одвреме - навреме се слуша детски џагор.
Ваков е првиот впечаток за селото Доброште, лоцирано во пазувите на Шар Планина, на надморска висина од речиси 600 метри.
Жителите уживаат во неделното попладне, некои по локалните чајџилници, други со кафе во сопствениот двор, трети градат, чистат, кречат. Муабетат за политика, за работите што треба да се дозавршат.
Се што е изградено во селото, велат, е нивна инвестиција и резултат на солидарност.
Доброште има фудбалски и шаховски клуб, Здружение за заштита на мечката кое се грижи и за останатиот дивеч на Шара, амубланта, основното училиште од 1924 година и уште една, понова школска зграда, од 1964 година.
- Училиштето порано било централно, доаѓале деца и од Одри, Јажинце, Ореше. Сега е одвоено, зашто и тие села имаат свои училишта. Македонски паралелки има до четврто одделение, а потоа учениците од македонска националност школувањето го продолжуваат во Теарце, раскажува нашиот домаќин, Бајрам Мемиши кој 38 години е наставник по физика во Теарце.
Соживот и меѓусебна почит
Македонците и Албанците во Доброште живеат заедно. Се почитуваат, си помагаат, се дружат. Заедно играат шах, табла, фудбал. За националисти, нагласуваат, тука нема место. Најголеми, заеднички проблеми им се немаштијата која ги тера младите надвор од државата по парче леб и тоа што се уште кубурат со вода за пиење.
- Национализмот е најголемата глупост во денешно време. Кај нас во Доброште за националисти нема место. Живев во Данска 48 години. Таму луѓето не се занимаваат со тоа од каде си, што си, дали си Турчин, Македонец, Албанец. Тие те почитуваат како човек, гледаат каков работник си. Така треба да биде и тука, вели престедателот на Месната заедница Фаредин Исени.
И имамот Ислам Аслани, оџа во т.н. долна џамија, се согласува дека разлики не смее да постојат, ниту по вера, ниту по националност. Не треба да има никаква поделба, по никоја основа.
- Ние сме секогаш за соживот, за заедничко градење здрава иднина. Кај религиите нема разлика, сите повикуваат на помирување, соживот, толеранција и меѓусебно разбирање, објаснува оџата кого случајно го сретнавме по една од уличките во селото.
Дека меѓу Македонците и Албанците нема никакви недоразбирања, потврдува и Ванчо Митовски.
- Соживотот е карактеристика на Доброште. Тоа важи и за околните села, но тука, кај нас, е посебно изразен. Имаме меѓусебно разбирање. Си помагаме многу. Досега не сме имале никакви проблеми, секогаш сме си помагале, сме биле единствени. Така и ќе продолжиме, напоменува Митовски.
Горно, долно и македонско маало
Доброште е неформално поделено на горно, долно и македонско маало. Во горното и долното маало има по една џамија, а во македонското е црквата. Од горното и долното маало, македонското е „одвоено“ со реката Поника каде своевремено се наоѓал т.н. Титов парк. Македонското маало денес брои околу 80 семејства, а почнало да се шири од т.н. Заковска фамилија, наречена по извесен прадедо Зако.
- Македонците одат преку реката ама и ние преку реката доаѓаме, вели Бајрам.
Македонците ги слават Свети Јован на 20 јануари и Свети Никола на 22 мај, а Албанците го одбележуваат селскиот празник на 18 јули кога доаѓаат печалбарите.
Селскиот празник на Албанците е еден ден, но потоа продолжува со турнир во фудбал и шаховски натпревари. Се тоа трае скоро цел месец. Организираат се сами, од сопствени средства.
Свети Јован се слави во црквата. Тоа е вековна традиција возобновена пред околу седум-осум години.
- Купивме казани од војската и во нив го подготвуваме јадењето за Свети Јован. Имаме кумови, секоја година по тројца. Како за Бадник, во лепче се става паричка за да се одреди кој ќе биде кум следната година. Дворот на црквата е полн, доаѓаат преку 200 луѓе. Свети Никола, пак, е селска слава. Порано се одбележуваше беше многу поубаво, со музика на сред село. Сега се подзабатали некако, секој си прави по дома, објаснува Драго Петковски.
Тој е роден во Доброште, и, како што вели, нема намера да си оди од таму. - Мене ми е многу убаво. Си работам приватно, но и дома се занимавам со земјоделски работи. Одгледувам грав, пченка, пченица од кои дел и продавам, истакнува Драго.
Додека разговаравме во дворот на црквата, ни покажа еден од гробовите што бил на брат и сестра - сопружници. За време на Отоманската империја Турците со сила ги натерале да се земат, да станат маж и жена.
- Речете Бог да га прости турската сила што ги натерала брат и сестра да бидат муж и жена, стои на гробот кој датира од 1871 година.
Македонските жители од Доброште претежно се занимаваат со земјоделство, но има и такви што се вработени во тетовската администрација или во околните фабрики како „Југохром“. Некои се заминати во странство, само од економски причини, поради неможноста тука да се најде работа.
- Земјоделството не е многу застапено и од него не може да се егзистира зашто површините се значително намалени. Но, сепак, се обработува дел од земјиштето. Ни недостига „Југохром“ кој згрижуваше голем број семејства и им обезбедуваше егзистенција. Уште не е активиран, се надеваме дека тоа наскоро ќе се случи, вели Митовски.
Во еден од дворовите на куќите, две бабички, длабоко завлезени во осмата деценија од животот, си седат простум и муабетат. Едната во црнина, другата со бастун. Јелица Јовановска дојдена од Глоѓи и Васка Коцовска од Јанчиште. Велат, порано се живеело многу потешко, имало работа. Требало да се подготви појадок и ручек за аргатите ангажирани на поле. Сега е селото скоро испустено, младите бегаат.
Иселување на младите, тивка миграција надвор од државата
Скандинавските земји се најпривлечни за младите од Доброште кои се обидуваат да ја обезбедат својата егзистенција.
- Миграцијата ме боли најмногу. Децата ни бегаат. За да ги задржиме треба добра економска политика, вработувањето да биде на прво место, а не на еден вработен да има петмина невработени, со тага во очите зборува Мемиши.
Некоја учителка му кажала дека моментно во Доброште има одделенија со по максимум шест ученици што дополнително го поткпрепува фактот за иселувањето.
Според претседателот на Месната заедница Исени, младите завршуват школо, но паметот им е надвор. Тоа укажува колку е, вели, голем проблемот со партиските вработувања кои како да се единствен начин за опстанок во Македонија.
- Има едно дете кое магистрираше право, но седи дома, без работа, зашто не е член на партија, ниту е партиски определен. Но, тоа е само еден од повеќето случаи. Денес си обезбеден само ако си партиски член. Се краде, луѓето мислат само за себе. Ќе влезат во партија, а партијата е се. Ако не си член на партија, може и да те истераат од работа, истакнува Исени.
Се уште без чиста вода за пиење
Се жали и дека нема ингеренции зашто се е во надлежност на општината. Треба, вели, да се врати можноста, месните заедници да управуваат на локално ниво. - Ние тука знаеме што точно ни треба и кои ни се клучните проблеми. Јас како претседател на месната заедница и да пријавам нешто во општина, како што налага законот, реакција нема, инспекторите не доаѓаат, не ме фермаат, нагласува Исени.
Се надворзува на проблемот со водата за пиење, директно посочувајќи го за виновен актуелниот градоначалник на Теарце Исен Асани кој веќе турка трет мандат.
- Како може во 21 век да немаме вода за пиење? Да живееш под Шара, а да купуваш вода. Тоа не е нормално. Катастрофа. Не можам да му простам на актуелниот градоначалник што не обезбеди вода за пиење во селото, потенцира претседателот на Месната заедница.
Исени ни го покажа главниот резервоар каде баш тој ден имало проблем со филтерот. Потсети дека е во тек изградбата на двете мини хидроцентрали за кои жителите најпрво се противеле и организирале вид протести, но потоа се договориле со еден од инвеститорите да стави филтер и да им помогне за резервоарот.
- Претходната влада наводно инвестираше 400.000 евра во вода за пиење, но проблемот се уште не е решен, дополни претседателот на месната заедница.
Веднаш под главниот селски резервоар за вода, највисоко во т.н. горно маало, се издигнува импозантен објект - ресторан со рибник, парк, лулашки за деца и поточиња кој нуди превкусна храна. Но, вистинско уживање е тука да се испие и по некое кафе поради панорамскиот поглед на Доброште. Сопственик на ресторанот е Џеват Исмани. Инвестирал, вели, со голем ентузијазам и желба. На почетокот бизнисот одел одлично, но сега, бројот на гости е многу мал.
Ситуацијата посебно се искомплицирала пред неколку години, кога храната за рибите нагло и драстично поскапела, а од лани почнало и сечењето на шумите поради изградбата на двете мали хидрицентрали.
- Решив тука да инвестирам, едноставно сакав, зашто ова е моето родно село. Тогаш не сметав дека еден ден можеби ќе имам вакви проблеми. Сега ги согледувам работите ама доцна е. Гости има, но не е како порано. Главно се гастербајтери и тоа трае околу еден месец, додека се тука. Потоа ништо.
Последиве две години посебно жалам што сум инвестирал. Вложив многу средства кои никогаш не можам да ги вратам. Тешко е да се живее тука, многу. Останаа само политичарите и луѓето - идиоти. За ништо не се води грижа, сите крадат. Ова со Шар Планина е типичен пример. Прво ја уништија, сега ќе ја заштитуваат, нагласува Исмани.
По разговорот со Исмани, додека шетавме низ селото, налетавме на можеби најстариот жител, Јакуб Алити. Наставник во пензија кој има 91 година. Рече, добар е со здравјето, а и така изгледаше. Ведар, витален, расположен за разговор. И тој најпрво го спомна иселувањето.
- Населението мигрира се уште, иако не може да се каже до кога ќе трае тоа. За да се живее добро и луѓето да бидат задоволни, треба многу труд, стрпливост, отвореност, транспарентност. Да не се лаже и да се остава простор за сомнеж. Посебно тоа треба да го негува секој што има некаква функција, што презема каква било одговорност. Што постигне, постигне, а што не, од објективни причини, нека каже, подвлекува Алити кој бил подучувал деца од 1946 година.
Пред да заминеме, Бајрам Мемиши ни го покажа новиот парк, за деца и возрасни, укажа дека некои од куќите се уште се со високи ѕидови што зборува за менталитетот, а не однесе и на местото каде што се гради новото игралиште. Во неврзан муабет се наврати на соживотот и почитта меѓу Македонците и Албанците.
Доброште денес брои околу 1.000 куќи од кои 85 македонски, а останатите албански.
Полека се шири и не е исклучено, како што рече Мемиши, наскоро да се доближи до Нераште.
Мирјана Чакарова